ПРЕМИЕРА НА „ДЕМОКРАТИЈА“ ОД БРОДСКИ

На театарската сцена

Demokratija premierno na  prilepskata scena

„Демократија“ од рускиот поет, Нобеловец и добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, Јосиф Бродски, во режија на Кирил Петрески е претставата што в четврток (21.3.) премирно ќе биде изведена на сцената од театарот ,,Војдан Чернодрински,,. Ова е македонска праизведба единствено драмско дело на Бродски, пишувано во бурната 1989 година, во времето на уривањето на Берлинскиот ѕид, обединувањето на Германија, распаѓањето на Варшавскиот Пакт и почетокот на распадот на Советскиот Сојуз.

-Бродски, иако драмата ја пишува во емиграција во САД, каде заминал прогонет од советскиот комунистички режим во 1971 година, со хируршка прецизност ги опишува состојбите во Источна Европа. Со неговото визионерство, што е специфика на надарените, драмското дело допира до нашето време со истата свежина и актуелност како да е пишувано вчера – вели Петрески.

,,Демократија,, е политичка гротеска за измислена земја, за измислени ликови, но реални проблеми што се совпаѓаат со проблемите на повеќето земји од Источна Европа или Западен Балкан.

– Ретко се соочувам со ваков предизвик, особено во овие бурни времиња, со драмски текст во кој речиси секоја реплика има егзистенцијално значење. Одејќи по работ ја задржувам мерката и добриот вкус, да не се навлезе во дневната политика и баналност. Се надевам дека успеавме – вели режисерот.

Играат Марјан Чакмакоски, Димитар Ѓеоргиевски, Ангела Наумоска, Михајло Миленкоски, Димитрина Мицкоска, како и младите Давид Папазоски и Теодора Трајческа.

Loading