ПРАЗНИК НА ФРАНКОФОНИЈАТА ВО ПРИЛЕП

buvie

За месецот на франкофонијата, амбасадата на Швајцарија и францускиот институт во Скопје, со поддршка на општината Прилеп, организираат манифестација за Никола Бувие, патеписец, швајцарски автор кој престојувал неколку недели во нашиот град. Вторник во 12 часот во киното Мис Стон за учениците од гимназијата ,,Мирче Ацев,, ќе биде прикажан документарниот филм ,,Враќањето на Бувие,, од Јордан Плевнеш. Попладнето во 18 часот во киното Мис Стон ќе се прожектира документарниот филм ,,Бувот и китот,, на Патриција Платнер (1993). Потоа ќе се обрати Јордан Плевнеш, писател и драматург, за пријателството со Бувие. Во 19 часот во изложбениот салон ќе биде поставена изложбата на фотографии ,,Патување во слики,,. По овој повод, библиотеката од Женева отстапи фотографии и други документи за патеписецот. Ќе се презентираат и творби од учениците во гимназијата.

Кој е Никола Бувие?

Бувие е швајцарски писател со светско реноме, кој двапати го посетил Прилеп. Тој е една од клучните духовни фигури на 20 век, кој остави неизбришиливи траги во архивите на модерната цивилизациска меморија. Познат е по патеписното дело ,,Употребата на светот,, во кое го опишал својот прв престој во Прилеп во 1953 година, со исклучителна галерија на ликови. Забелележал дека во Прилеп, постоеле само два хотела, Јадран за членовите на партијата и Македонија за ретките патници, каде ја поминал првата вечер, нагодувајќи се за својата соба. Понатаму напишал: ,,Многу сакам да се пазарам, дури и кога сум принуден… Прилеп е мал град во Македонија. Во центарот на кругот на дивите планини на запад од долината на Вардар, земјениот пат кој поминува од Велес, поминува низ градот и запира на 40 км. На југ, е дрвена ограда прекриена со ползавец. Тоа е грчката граница во Монастир, затворена од почетокот на војната. На запад неколку лоши патишта водат кон албанската граница, несигурни и херметички затворени. Во опкружувањето на обработените полиња Прилеп ги мести своите свежи тротоари, гради две блескави бели минариња, фасади со испакнати балкони со зеленосива боја, и другите галерии, во кои кога ќе дојде август, се суши еден од најдобрите тутуни на светот. На големиот  плоштад, меѓу белите и златни аптекарски тегли и тутунска канцеларија, милиционерот со спуштена пушка дреме пред продавницата ,,Слобода,,. Двата конкурентски хотели се натпреваруваат со вревата на звучниците, од ,,Јадран,, од каде трипати дневно се интонира Химната на партизаните и новостите што не успева да ги разбуди селаните заспани во своите кочии…  На една полјана околу 15 минути пешачење се наоѓа местото на стариот град. Се вика Марков град. Кога изворот што му давал вода пресушил, жителите го напуштиле и го изградиле Прилеп. Тука може да се види крстилницата и повеќе манастири. Во Прилеп имаше многу војска… Прилеп никогаш не престануваше да биде бунтовнички град кој со своите државни удари ги правеше врз ниво на општина или религија,,…, забележал Бувие во книгата.

Втортпат Бувие престојуваше во Прилеп во 1995 година. Се сретнавме при прошетка низ центарот, околу Градскиот саат. ,,Бев излезена по работни обврски од тогашниот ЦПРТВ во центарот на градот. Околу симболот, Градскиот саат, го сретнав  пријателот Јордан Плевнеш. Откако се поздравивме ми рече: ,,Каролина сакам да те запознаам со една исклучителна личност која пред 42 години го посетила Прилеп. Има убав муабет со него,,. Ме запозна со г. Никола Бувие. Беше веќе остарен, но господин во европски манир, кој срдечно ме поздрави со Добар ден. Го продолживме разговорот со помош на Плевнеш кој преведуваше од француски на македонски. Имав впечаток дека со мислите се врати во неговиот прв престој во Прилеп. Како да ги преживуваше тие, според мене убави мигови. Од очите му бликаше светлина. Добив впечаток дека е  среќен, што повторно е тука,  како да се вратил во свој дом. Рече: ,,Ќ е ти кажам како го видов Прилеп со свои зборови, а не она што е раскажано во мојата книга,,. ,,Прилеп тогаш ме освои на првпоглед, пред сé, заради гостопримливоста. Беа убави денови. Сега е изменет многу. Ги нема  хотелите, ја нема калдрмата, ама чувствувам дека уште го има духот на мајтапот. Радосен сум што сум тука и што повторно шетам по прилепската чаршија,, – заврши во тој кус разговор обелениот и веќе остарен господин Бувие. Посетата ја пренесов преку медиумите на ЦПРТВ. За жал, заради немање повеќе архива од ЦПРТВ, нема запис, од неговиот повторен престој во градот. Затоа, еве, во чест на Бувие, ја раскажувам средбата со него. Многу ми беше драго што во негова чест во 2010 година беше поставена спомен плоча во центарот на градот, која и ден денес стои како потсетник за престојот во Прилеп на еден голем патеписец.

Белешка од Каролина Мицевска

Loading