СТЕБЛОТО СЕ РАЗГРАНУВА

ivce1Ни допадна в раце новогодишен календар од Здружението на пензионерите – Прилеп. Читаме, пишува – ЗДРУЖЕНИЕ НА ПЕНЗИОНЕРИ – ПРИЛЕП. На календарот е напишан и телефонскиот број. Се јавуваме, ни се јавува претседателот. Му укажуваме дека погрешно е напишан насловот на Здружението. Треба да гласи – ЗДРУЖЕНИЕ НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ. Треба да биде членувана именката – ,,пензионери,,. Љубезно одговара претседателот и вели дека така било и во Статутот. Го најдовме и Статутот. Навистина на кориците пишува така. На првата страница пишува – СТАТУТ НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ПЕНЗИОНЕРИ. И тука именката ,,пензионери,, е нечленувана. Тоа е определена именка. Членот е неопходен. Не се тоа некоиси пензионери, тоа се ПЕНЗИОНЕРИТЕ ОД ПРИЛЕП.

Грешките во обична конверзација и не се многу опасни. Но вака, во официјални документи, во нормативни акти, не смее така. Го прочитавме и Статутот. Има доста ситни грешки. Но, има една што е мошне крупна. Во стариот Статут не беше така. Сме го читале. Овде сега се вршеле измени и дополнувања. За чудо, не знаеме од кои причини терминот ,,разграноци,,  секаде во текстот е преправен и гласи ,,ограноци,,. Кому и зошто ли му текнало ова? Правилното го преправил во неправилно?! Зборот ,,разгранок,, е релативно нов во нашиов јазик. Но, ете, се укажала потреба од неговата неопходност. И се пронашло соодветно решение, во духот на нашиот јазик. Ако Сојузот на пензионерите е основното стебло, стеблото се разгранува, нели? Е, од тоа разгранување се добиваат РАЗГРАНОЦИ, а не ОГРАНОЦИ.

За да не биде паушално нашево тврдење, ќе приведеме дел од написот на Благоја Корубин во книгата ,,Јазикот наш денешен,, (книга прва), објавена уште во 1969 година. Корубин беше беспрекорен познавач на македонскиот јазик и неговата практична примена. Го уредуваше ,,Јазичното катче,, во ,,Нова Македонија,, 30 години. Добиваше безброј прашања. Одговараше, објаснуваше и даваше свои предлози и решенија. Еве, како одговори тој точно за овој збор. Еве, што вели:

,,Прашањето ни беше поставено усно (по телефон): ,,Имаме ли ние збор што може да го земеме како термин соодветен на српскохрватскиот збор ,,огранак,,,. Еве го неговиот одговор:

,,Српскохрватскиот збор ОГРАНАК има повеќе значења. Што се однесува на другите значења, ние ги имаме зборовите: израсток, гранка, подник и друго – според случајот, но токму за ова што не интересува немаме соодветен готов збор. Останува, значи, или да примиме некој туѓ или пак да изградиме нов, на наша основа. Ова се поставувало пред нас одамна и ние сме дале предлог за неговото решение, кое некои стручњаци уште тогаш го прифатија и почнаа да го применуваат. Бидејќи тоа не е уште пошироко познато, наоѓаме дека е потребно и при овај случај да го повториме и да го пообјасниме.

Во рускиот јазик, на пример, со тоа значење го наоѓаме зборот ,,ответвление,, а во бугарскиот ,,расклонение,, (изградени од соодветните глаголи).

Кај нас, сметаме, би можело да се тргне по истиот пат, т.е. пак од нашиот соодветен глагол: РАЗГРАНИ (се) – РАЗГРАНУВА (се). Ако од неговата основа изградиме именка со наставката – ОК, која е кај нас доста продуктивна, тогаш тоа ќе гласи: РАЗГРАНОК. Тој ќе може да ја задоволи потребата. Множината, се разбира, ќе гласи: РАЗГРАНОЦИ,,.

Вака пишуваше Благоја Корубин уште во 1969. Тогаш, во времето кога се појави потребата од ваков збор. Како што гледаме, неологизмите (новосоздадените зборови) се добиваат ако се тргне по еден логичен пат и според нашиот систем за зборообразување. Не може ние, онака, потамина да земаме зборови од српскиот јазик и да ги помакедончуваме како што ќе му текне на некого. Жалосно е што српскиот збор ОГРАНАК помакедончен во ОГРАНОК, се уште го слушаме доста често. Уште пожалосно е што некои луѓе го форсираат, го наметнуваат своето мислење и за работи што не им се јасни. Затоа јазикот во официјалните документи, во нормативните акти па и воопшто во нашите медиуми е ваков каков што е. Со грешки што не можат да се избројат. А во овој Статут е парадокс. Правилното е заменето со неправилно. Накусо: ЗДРУЖЕНИЕ НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ и РАЗГРАНОК (РАЗГРАНОЦИ). Стеблото се разгранува, а не се огранува.

Loading