„КАЗИМИР И КАРОЛИНА“ ПРЕД ПУБЛИКАТА

69 g.teatar

Театарот „Војдан Чернодрински“ утревечер од 19.30 часот ќе ја прикаже претставата „Казимир и Каролина“ во режија на Нела Витошевиќ. Текстот е  на Еден Фон Хорват.

Во претставата, преку дијалозите на актерите и другите сценски елементи, се раскажува за уништувањето на соништата.

– Низ кратки слики, кои суптилно се претопуваат една во друга, претставата ја исцртува изолираноста на поединецот во едно општество што се распаѓа, како и кревкоста на меѓучовечките односи кога човек ќе ја загуби работата, статусот и слично – велат од театарот.

Инаку, во понеделникот, со изведбата на ,,Пиреј,, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, театарот одбележа 69 години од постоењето, во очекување на нов објект. На одбележувањето актерката Јасмина М. Станкоска, во името на ансамблот, посочи дека театарот е жива материја кој се гради, опстојува, кој нé поврзува, кој ги ,,води,, актерите и публиката во височините.

-Театарот има моќ да менува. Така и ние постојано се движиме, растеме, се развиваме – од генерација, во генерација. Патувајќи досега на оваа сцена сме прикажале над 370 премиери, повеќе од 7000 претстави…Ќе продолжиме и натаму да патуваме – посочи актерката.

Актерите пак бараат професионални услови за работа, односно нов објект. Очекуваат Министерството за култура да покаже слух и за актерите и театарот.

Надлежните од ЦК ,,Марко Цепенков,, посочуваат дека оптималните услови за работа се нужност. Затоа се и нивните  заложби за конечно решавање на проблемот.

Loading