НЕПРИЛЕПСКИ ГРЕШКИ НА ПРИЛЕПЧАНИ

ivce1Револтираат некои грешки. Создаваат гнев. Особено кога ги прават луѓе кои се должни да го знаат јазикот и луѓе, интелектуалци, кои се декларираат дека ги бранат јазикот и идентитетот. Многупати се вели дека голем дел од политичарите зборуваат на својот локален говор. Тоа, дури и не е голем гнев, полошо е кога се прифаќаат грешки и нелогичности од други локални говори. Особено од скопскиот. Овојпат имаме предвид неколкумина прилепчани. Двајца новинари и еден експониран политичар. Да не должиме. Слушаме вести. Презентерката известува дека градоначалникот на конференцијата за печатот зборувал за новиот буџет. Најпосле таа вели: ,,Буџетот за 2019 ќе се донесува во среда,,. И што ќе разбереме од ова? Буџетот ќе се донесува во среда, значи во секоја среда. Сме пишувале за ваквите грешки што ги прават скопските новинари. Предлогот ,,Во,, има и скратена форма ,,В,,. Токму таа, скратената форма е потребна. ,,Буџетот ќе се донесува  в среда,,. Значи, првата наредна среда. ,,Во среда,, значи во секоја среда. Пример ,,Во среда чаршијата работи до 15 часот,,. Ако станува збор за првата мината среда ќе речеме ,,Во средата,,, на пример: ,,Во средата врнеше дожд,,. Ако пак се однесува за некоја далечна среда од минатото или од иднината ќе ја дообјасниме со друг податок: ,,Во средата пред Митровден врнеше дожд,, и така натаму. Прилепчани не би ја направиле никогаш грешката што ја прави презентерката. Тие побрзо би рекле дека буџетот ќе се донесува среда, без употреба на предлогот ,,В,, или ,,Во,,. Народната песна вели: ,,Утре ќе одам Битола, отаде брзо не идам,,. Без употреба на предлог. Правилното е: ,,Буџетот ќе се донесува в среда,,. Зошто нашиве новинари ги копираат скопските и тогаш кога тие грешат. Треба повеќе да се мисли на јазикот , литературниот јазик. Скопјани прават огромна грешка со предлогот ,,В,,  односно ,,Во,, а ние не смееме тоа слепо да го прифаќаме. Еве и една друга грешка, што се шири како епидемија во последно време. Станува збор за заменската придавка ,,истиот,,, (истата, истото). Прилепчани никогаш не би ја употребиле, но еве, сега, пак под силно влијание на скопските медиуми, ја упторебуваат токму оние кои најмалку треба да го прават тоа. Телевизија ,,Сител,,. Разбојник извршил грабеж во поштата. ,,Истиот бил брзо откриен,,. Политичар, прилепчанец. Ќе цитираме еден негов исказ: ,,Не само што очекувам дека ќе има двотретинско мнозинство, туку очекувам и зголемување на истото,,. ИСТИОТ, ИСТОТО! Која ли е таа сила што ја наметнува употребата (погрешна) на овие зборови. Рековме, зборот ,,истиот,, (истата, истото е заменска придавка. Во никаков случај таа не може да ја заменува именката или заменката. Тој збор може да се употребува само во некаква атрибутска функција, да ја дообјаснува, а не да ја заменува именката. На пример, за оној разбојникот кој украл пари од поштата, можеме да речеме: ,,Истиот тој разбојник имал и други такви дела,,. А реченицата што ја користи новинарот треба да гласи – ,,Тој бил брзо откриен,, а не ,,Истиот,,. Дури може и воопшто да не се употреби заменката ,,тој,, – ,,Разбојникот извршил грабеж, но бил брзо откриен,,.

Политичарот вели дека не само што очекува да има двотретинско мнозинство, туку очекува и да се зголеми истото. Грешка. Тој може да очекува и да рече дека очекува ,,тоа да се зголеми,,, може да рече дека очекува ,,негово зголемување,,, но никако не – ,,зголемување на истото,,. Може да се употреби како атрибут: ,,Истото мнозинство од минатиот пат очекувам да биде зголемено,,, но , да се зголеми ИСТОТО , никако не оди.

Рековме, зборот ИСТОТО (истиот, истата) е заменска придавка како што се на пример – ,,таквиот,, ,,инаквиот,, ,секаквиот,, и така натаму. Замислете еден ваков пример. Некој купил црвен коњ. Сега сака да го продава. Дали ќе речеме – ,,сега сака да го продава таквиот,,. Сигурно не! Може да се рече дека сега сака да го продава истиот коњ или пак дека сака да го продава таквиот коњ. А не да го продава – ИСТИОТ или ТАКВИОТ.

Да повториме ! Зборот истиот (истота, истото) не може да ја заменува именката или заменката. Може само да ја дообјаснуа. Оваа грешка се прави многу често. Се прашуваме, зошто го прифаќаат тоа и прилепчани? Тоа никогаш не било својствено за прилепскиот говор. А за литературниот јазик – НИКАКО.

Loading