ГИЧЕВА ВО ГРЦИЈА

Ракомет

Женскиот ракометен тим Деспина ќе биде ослабен во пролетниот дел од првенството на Женската лига, со оглед на заминувањето на најискусната, бекот Мери Гичева. Таа се одлучила кариерата да ја продолжи во Грција, во прволигашот Верија. Во грчките медиуми е најавена како големо засилување кое доаѓа од Прилеп. Замена за неа ќе се бара во помладите, бидејќи не е планирано доведување нова ракометарка.

Во меѓувреме се одвиваат подготовките на Деспина, под водство на тренерот Страшо Илиески. Се одработи кондициската, па техничката фаза, сега и на тактички план. Одигран беше и пријателски меч со Пелистер во ,,Ричко,, кој го добија прилепчанките со убедливи 28-19. Тоа е изненадување, ако се земе предвид дека на табелата Пелистер е 5-ти со 27, а Деспина 7-ма со 13 бода. Очигледно дошло до големи промени во битолскиот тим. Двата тима се очекува да имаат и реванш во пријателски дуел. Сезоната инаку официјално почнува на 27 февруари, кога во рамките на Купот, Деспина гостува на фаворитот Стружанка. Пролетниот дел од Лигата ќе стартува на 2 март на гости кај Цемс во Скопје.

Машкиот тим Прилеп е во забрзан тренажен процес, со оглед на првенствениот старт на 2 март дома со Еурофарм.

Loading