ЗАГЛИБЕНИ ЛЕКТОРИ

ivce1Во времето на Кралството Југославија, кралот Караѓорѓевиќ изградил винарска визба во Демир Капија. Се знае дека тој дел е познат дека таму виреат најубавите лозја. Визбата била интересен објект, кој во последно време бил запуштен. Стручно лице зборува надолго и нашироко за тоа дека зградата треба да се реставрира. Безбројпати, наместо ОБЈЕКТ, тој вели ОБЈЕКАТ. Што е тоа што го тера да ја прави оваа грешка? Тој ОБЈЕКАТ треба да се реновира, тој ОБЈЕКАТ да го добие ликот, ОБЈЕКАТ, па ОБЈЕКАТ. Зборот ОБЈЕКТ има латинско потекло. Како многу други зборови и во други јазици, и овој е влезен во нашиот јазик. Меѓу повеќето значења се и градба, зграда. Во случајов, за тоа и станува збор, за зграда, за винарска визба. Тој збор е влезен во редовна употреба и во српскиот јазик, но таму не е ОБЈЕКТ, туку ОБЈЕКАТ. Уште еднаш се прашуваме, што е тоа што го тера нашиов човек да ја користи таа српска форма, а не македонската – ОБЈЕКТ. Сме слушале и други вакви грешки. Многу луѓе велат ТАЛЕНАТ, а не ТАЛЕНТ. Се знае, зборот значи посебна склоност или способност, дарба. Грчко му е потеклото. Како што е случајот со зборот ОБЈЕКТ (српски – објекат), така и ТАЛЕНТ на српски е прифатен како ТАЛЕНАТ. Слична е грешката, а изгледа слична е и причината. На мнозина тоа им звучи некако, поубаво, поекспресивно. Но, таа грешка и други слични се непожелни.

Пристигнал во Македонија висок политички претставник од Америка. Презентерката известува дека пристигнал – ,,Заменикот помошник државен секретар,,. Навидум ситна грешка, но грешка. Односниот господин е ЗАМЕНИК – ПОМОШНИК државен секретар. Значи, не ,,ЗАМЕНИКОТ ПОМОШНИК,, туку ,,ЗАМЕНИК – ПОМОШНИКОТ,,. Пристигнал – ,,Заменик – помошникот државен секретар,,. Тоа е титула, звање.

На водителка на контактна емисија í се јавуваат гледачи. Поставуваат прашања, испраќаат поздрави. Поздравува и водителката – ,,Убаво нешто да ви се случи и на вас,,. Таков поздрав испраќа, на скопски начин. Наместо – ,,Убаво нешто да ви се случи и вам,, а таа вели ,,на вас,,. А вакво нешто сме слушале и  во преводи на разно-разни серии и на многу други места.

Интересно. Слушаме вести на една ТВ. Меѓу другото, бевме известени дека на некој морски брег во Нов Зеланд се насукале многу китови. Ни панда в очи изразот ,,се насукале,,. Потоа гледаме вести и на друга телевизија. Истата грешка. Гледаме и на трета – исто. Не само истата грешка, туку и текстот е ист на три телевизии. Значи, веста е преземена од друга агенција, веројатно српска. Ја презеле веста нашиве, но не им паднало на ум дека изразот ,,се насукале,, не е наш, односно тој збор го има и кај нас, но со сосема поинакво значење. Кај нас тоа може да биде свршена форма од глаголот ,,сучи,,. Некој сучел, сучел, па се насучил или се насукал. А тој израз, ,,се насукале,, кај нас треба да гласи дека ЗАРИНКАЛЕ, ЗАГЛИБИЛЕ. Нели се вели дека бродот заринкал, удрил во плитко. Фигуративно може да се рече дека некој загазил, зацапал, настрадал. Токму тоа се случило и со китовите во Нов Зеланд. Тие заринкале во плиткото, во песокта и така настрадале.

Своевремено, слушавме од извесен презентер за прогнозата за времето. Информираше дека некои облаци се насукале на планинските врвови. Па еве сега и китовите се насукале.

Текстовите од вестите, секако дека се лекторирани. Но, еве и лекторите заглибиле, заринкале во своето незнаење.                                

Loading