НОВИ НАСЛОВИ ЗА ЖЕЛНИ ЧИТАТЕЛИ

БИБЛИОТЕКА „БОРКА ТАЛЕСКИ“

– Монографија за старата архитектура на Прилеп и семејните приказни поврзани околу неа

biblioteka

Нови маркетинг методи во библиотечното работење ќе применува во Програмата за реализација на дејноста за 2019 година, Градската библиотека “Борка Талески”. Активно ќе соработува со бизнис секторот преку принципот партнерство за интересни и полезни проекти и програми. Ќе потроши околу 700.000,00 денари за проектот за збогатување на книжните фондови со нова литература, како и издавање на три нови публикации: Зборникот од традиционалната, мултимедијална манифестација „Поетско Маркукуле – 2018″, „Библиосвет” – Библиотекарско списание и Монографијата „Старата архитектура на Прилеп и семејните приказни поврзани околу неа”.  Ќе набави повеќе примероци од училишните, односно лектирните изданија по новите наставни програми, нови стручни изданија, потоа од новите и најчитани белетристички изданија, странска литература и периодика, многу весници и списанија, но и набавка на нови наслови, особено од областа на природните науки.

Со реализација на својата основна дејност, ќе продолжи да создава многу поповолни услови за натамошен непречен развој воопшто на библиотечната дејност во сите населени места. Со сето тоа, значајно ќе го зголеми бројот на корисници на своите услуги, но и својот придонес во научно образовниот и културниот развој на населението.

Ќе започне да ги дигитализира сите публикации од богатата своја издавачка продукција, со што ќе се формира и ќе отпочне со работа библиотечна цедетека. Ќе продолжи со грижата за развивање на навиките за читање кај децата уште од најрана возраст. Ќе почне да го реализира проектот по повод одбележувањето на Светскиот ден на литературата за деца и млади, 2-ри Април – роденденот на познатиот детски автор Ханс Кристијан Андерсен. Проектот „Такси книга” со кој им се овозможува на лицата со посебни потреби бесплатен и непречен пристап до книгата, ќе продолжи и во 2019, доставувајќи им на овие читатели книги до нивните домови, преку такси услугата. За помасовно привлекување на нови членови, покрај намалувањето на уписнина по повод Патрониот празник на Библиотеката и по повод Октомври – месецот на книгата, ќе настојува кон зголемување на членството и преку групни уписи на ученици и студенти. Проектот „Бесплатен упис” на лицата од социјално ранливите категории ќе продолжи и ќе се прошири.

Меѓубиблиотечната соработка ќе се интензивира и ќе се прошири соработката со разни автори и организации. Со афирмација на роднокрајните автори преку издавање публикации на нивните дела, како и публикации на монографски и библиографски изданија, ќе се збогати уште повеќе издавачката дејност.

Ќе се набават витрини за книги и друга опрема, преадаптација на слободен простор во канцеларии, а ќе се уреди влезот во подрачната библиотека во Варош.

Loading