ДАЛИ ЌЕ ИМА ЗАСИЛУВАЊА?

Ракомет: Одморот завршува

Прилеп се собира на 21 јануари

Rakomet

Поминаа сите поглавни празници, така привршува и одморот за ракометарите на машкиот ракометен суперлигаш Прилеп. Првиот собир е закажан за в понеделник, 21 јануари во салата на ,,Ричко,,. На прозивката од тренерот Пеце Велјаноски и помошникот Тони Димоски се очекува да се јават сите првотимци кои го носеа дресот во есенскиот дел од првенството. Ако се има предвид последниот есенски меч со Струга, тие се: Андреј Талески, Дарко Алушовски, Петар Шуклески, Влатко Орданоски, Дамјан Трајкоски, Пеце Ѓорѓиески, Михаил Свртинов, Давор Шокоски, Владимир Трајкоски, Александар Бозароски, Божидар Илиески, Евгениј Темелкоски, Филип Ангеловски, Алек Чупетрески, Кире Мачевалов, Филип Крстески. Комбинација од млади и неколку искусни играчи.

Според ова, се очекува екипата да се потпре на сопствениот играчки кадар. Впрочем, првенствена задача е да се задржат тие што се изборија за реалните шанси за опстанок. Но, сé зависи од можностите на клубот. Деновиве ќе се одржел клупски состанок за да се дефинирал и буџетот. Од финансиските можности зависи дали ќе има некое ново име – засилување. Тука засега како желба се спомнува голманското место. Меѓутоа, треба да се причека клупското раководство и така да се добие појасна слика. Есеноска имаше проблеми со финансиите, а надежта е дека ќе има постабилна пролет во која единствена цел е опстанокот.

Подготовките прво ќе се одвиваат на кондициски план, потоа се тактичко – техничките тренинзи и пријателските натпревари.

Loading