Тројца ловџии, верни другари биле на лов. Ловеле што ловеле и приквечерта заминале дома. Забележале дека загарот нигде им го нема. Побарале ваму-таму, го нема, небаре в земја пропаднал. Барајќи загрижени, наближиле накај Лагово. Таму еден селанец го товарел тракторот со песок.
– Здраво-живо пријателе – му довикнале.
– Да сте ми здрави и живи ловџии! Што сте така невесели? – возвратил селанецот.
– Имаме мака. Нí загина загарот, па никако да го пронајдеме.
– Јас го најдов. Ене го кај мене дома – им рекол селанецот.
– Е сполајти. А дали ќе сакаш да појдеме да и го земеме – во радост викнале ловџиите.
– Како да не, само малку помогнете со песоква, само што почнав да го товарам тракторов.
– Ќе ти помогнеме пријателе – радосно рекле и веднаш ги зеле лопатите па го натовариле тракторот што би се рекло “со папук”.
Потоа отишле кај селанецот и тој веднаш им го покажал загарот што лежел во дворот.
– Абе домаќине, ова е загарка, а нашиот беше загар – рекол едниот ловџија.
– Е, не знам што е. Го најдов, па не видов дали е загар или загарка.
– Не е нашиот загар – разочарано рекле другите двајца.
– Не е, не е. Тогаш одете ми со здравје и барајте го на друго место. Ако сте за ракиичка, да ви турам по една чашка пред одење.
– Може – рекле несреќните ловџии, гледајќи во плускавците на рацете, бидејќи не биле учени да работат со лопата. Ги фрлиле ракиите на екс и го исправиле патот.
– Ај со здравје – викнал селанецот и си помислил: “Ах да имам среќа и утре да ми налетаат некој вакви, и гнојот ќе си го натоварам без многу мака”!
Славчо Бунте