МНОГУ НЕЛОГИЧНОСТИ

ivce1Веднаш да почнеме со една чудна реченица. Слушаме на ТВ и читаме на кајронот. Вака е напишано: ,,За мајката е поднесена кривична за запуштање и малтретирање на малолетно дете од страна на СВР – Скопје,,. Нелогично. Извесна мајка го малтретирала своето дете и поради тоа против неа е поднесена кривична пријава. Но, што подразбираме ние од приведената реченица. Значи, за мајката е поднесена кривична поради запуштање и малтретирање од страна на СВР – Скопје. Од ова излегува дека малтретирањето било вршено од СВР – Скопје. А колку логично и јасно би било кога реченицата би гласела: ,,Од СВР – Скопје е поднесена кривична против мајката, поради запуштање и малтретирање на малолетно дете,,. Значи мајката е таа која го вршела малтретирањето. Сосема јасно. Реченицата може да биде конструирана и на поинаков начин, и на повеќе начини, но не онака како што ја слушнавме и прочитавме. Рековме дека, од тоа излегува дека детето било малтретирано од СВР – Скопје.

Народна приказна. Нив ги има повеќе на сите наши телевизии. Неодамна, се емитуваше приказна ,,Тамавќари,,. Чудно! Зошто ли го зеле тој збор – ,,тамавќари,,? Во Речникот (тритомниот), а и во други речници го има зборот  ,,тамаќар,, што значи циција, скржавец. Турско е потеклото на тој збор. Разговорно се употребува и денес. Во Речникот е одбележан и зборот ,,тамавќар,, но со упатување на ,,тамаќар,,. Значи, правилно е ,,тамаќар,, а не ,,тамавќар,,. Ете, луѓето од односната ТВ се определиле за погрешното. Веруваме дека таму постои лектор, зошто не интервенирал?

Прогнозата за времето ја слушаме редовно на сите телевизии. Има нешто необично во известувањето кога станува збор за една ТВ. Се јавуваат тројца презентери и сите ја прават истата грешка. Истата нелогичност. Дали лекторот им сугерирал така, или презентерите, по некоја инерција, ја прават истата грешка. Ќе ги кажат основните податоци од прогнозата и потоа велат: ,,Ќе дува до умерен слаб ветар,,. Сме чуле и да велат: ,,Ќе дува до умерен засилен ветар,,. Чудна е оваа градација. Обично би се кажал најслабиот интензитет на ветрот, а потоа може да се оди нагоре. На пример: ,,Ќе дува слаб до умерен северен ветар,, или ,,Ќе дува  умерен до засилен ветар,,. Вака, како што соопштуват не сме чуле од друга ТВ. И не треба да чуеме. Како е тоа можно – ,,Ќе дува до умерен засилен северен ветар,,? Па нели умерениот ветар е послаб од засилениот. Во другата реченица – ,,Ќе дува до умерен слаб ветар,,. Овде пак умерениот е посилен од слабиот нели? Чудно и несфатливо. Што ги тера тројцата презентери да ги прават истите нелогичности?!

Се емитува на некоја ТВ некој српски квиз. Се вика ,,Столици,,. Нашиве преведувачи не нашле за потребно да го преведат насловот. Кај нас се ,,Столови,, а не ,,Столици,,, макаршто зборот ,,столици,, често го слушаме, но погрешно е тоа. Во Речникот се дадени и примери: – дрвен, железен стол; електричен стол; седи на два стола. Ќе наведеме и неколку стихови од онаа песничка што ни ја кажуваа кога бевме мали, од песничката ,,Дедо седи на грутка,,.

… Зошто ти се момите?

Да ми метат дворови.

Зошто ти се дворови?

Да ми стојат столови.

Зошто ти се столови ?

Да ми седат сватови.

Значи, нашиот збор е СТОЛ, а не СТОЛИЦА. Оттука произлегува и ПРЕСТОЛ  (трон) и ПРЕСТОЛНИНА (главен град). Постои израз – ,,Ни гробнина, ни столнина му се знае,,. Значи, ништо не се знае за него, ни кај седел (живеел), ни кај е погребан. Деминутативната форма е СТОЛЧЕ. Во некои краишта го викаат и СТОЛУЛЕ, а поговорката гласи: ,,Не се седи на два стола,,.

Loading