ПРИЛЕП МОРА ПОДОБРО

Ракомет: Скромна суперлигашка полусезона

Освоено е 8 место меѓу 10 екипи

Rakomet

Машкиот суперлигаш Прилеп не успеа да стигне барем до една победа во последните две есенски кола од Супер лигата. Прво се случи поразот (30-25) во Радовиш, каде мечот го одбележа еден човек, домашниот бек Илиев со неверојатни 16 гола! Тој пред два месеца и во ,,Ричко,, со 12 гола им пресуди на прилепчаните. Во последното коло уште имаше надеж за нов триумф, со оглед на дуелот дома со Струга, противник кому му беше одземен бод на негов терен. Дали се работело за вистинска сензација одговорот го даде токму овој меч, на кој стружаните прилично лесно ги освоија трите бода, со 19-29. И овде имаше незадржлив бек во гостинските редови, Грузиецот Арвелоди, стрелец на 12 гола. Домашните некако даваа отпор во првото полувреме, но во второто разликата бргу се зголеми на 8 недостижни гола.

Така Прилеп е на 8 место, пласман можеби во рамките на реалните можности. Но, ако се земе предвид ракометната традиција на градов, тогаш овој клуб мора подобро. Само 3 победи (2 со аутсајдерот Борец, 1 дома со Вардар јуниор) и 1 нерешена (веќе споменатата во Струга) е премалку. Добро во оваа ситуација е што се создадени шанси за опстанок. Реално е напролет да се избегне последното место на кое е Борец, но сигурно дека ќе се вложат сите сили за оддалечување и од претпоследното, кое води во бараж. Новото раководство можеби немаше многу време досега за да го среди клубот да биде помоќен, но за напролет веруваме дека ќе има сили за барем степен погоре. Табела: Еурофарм 40, Охрид 30, Пелистер 29, Пролет 28, Бутел 27, Струга 22, Радовиш 12, Прилеп 10, Вардар ј. 9, Борец 0.

Напролет првиот меч е Прилеп – Еурофарм.

Loading