ЛИМЈА ДА ФАТИ!

ivce1Многу туѓи зборови, без никаква потреба, влегуваат во нашиов јазик. А многу зборови, кои некогаш биле употребувани, остануваат заборавени. Ќе се обидеме, да ,,оживиме,, некои кои можат и треба да бидат присутни во нашата комуникација. Постои збор, придавка, ,,улишен,, (улишена, улишено). Одамна не сме го слушнале. Преку расказите од Блаже Конески, се присетивме на овој збор. Објаснувајќи за личностите, за нивните карактеристики, во извесен манастир, вели вака: ,,На Ристана и помагаше Доста. Таа е овде најулишената душичка. Мала, сува, грда, поцрнета, боса, таа личи на некое чавче што паднало од седело и си го скршило крилцето,,. Еве, овде е употребен зборот, придавката ,,улишена,,. Набројувајќи ги сите атрибути за односната личност, станува јасно што би значел зборот ,,улишено,,. Значи дека таа жена била мала, сува, поцрнета, боса и така натаму. Зборот е внесен и во Речникот (тритомниот). Во објаснувањето, цитирана е една реченица – ,,Сполај ми ти, Боже, што не ме улиши и мене од светот,,. Оваа благодарност до Бога, јасно зборува, дека извесната личност се заблагодарува што Господ не ја улишил, не и го уништил сето убаво што може да го има човекот. Да постои дури и самиот тој на светов како и сите други. Ете, како што објаснува Конески, Господ ја улишил Доста. Ја лишил од убавина. Како што рековме, била сува, грда, поцрнета, боса. Со еден збор, Доста била најулишената личност во манастирот. Унакажана. Лишена од сите убави физички карактеристики што може (треба) да го красат еден човек. Во денешно време, ретко ќе го слушнеме овој збор. Но, почесто ќе го чуеме зборот ,,наказа,,, кој не е наш.

Си спомнуваме и за еден друг збор често го употребуван од постарите. Кога некое дете беше немирно, не се прибираше дома, долго остануваше надвор, мајките ќе му речеа – ,,Лимјата да фатиш,,. Пред извесно време го сретнавме, се потсетивме на овој израз. Во поемата ,,Гоце Делчев,, од Венко Марковски ја сретнавме следнава строфа:

,,Крвници – змии лимја фанаа,

ајдушка гора танец повела,

ветреат бајрак борци сред неа,

а ѕвезди модро небо покриват,,.

Ја приведовме целата строфа, а во првиот стих се спомнува зборот ,,лимја,,. Во Речникот е внесен овој збор, односно фраза – ,,Лимја да фатиш,,. Се препознава значењето. Има и други, слични зборови со вакво значење. Може да се рече, и се вели – ,,Вит да фатиш,,, или ,,Во неврат да појдеш,,. Во поново време, обично, во литературни текстови среќаваме и друг сличен израз – ,,Оди по ѓаволите,,. Можеби би можеле и некако поинаку, има и други клетви. Но, ете, – ,,Лимја да фатиш,, тој израз сосема сме го заборавиле. За голема жал, сега, кога сакаме некого да пратиме некаде во неврат, најчесто велиме – ,,Иди у пичку материну,,. Ајде да се обидеме, да настојуваме овој израз вит да фати, во неврат да појде, лимја нека фати.

Еве уште една глупост од една наша ТВ презентерка. Информира дека некои пратеници барале, во преамбулата да влезе и Уставот на ТМОРО од 1896 година што го напишале Делчев и Ѓорчев. Трпки ни минуваат по телото. Молиме Бога тоа да биде, евентуално, случајна грешка. Се знае дека автори на тој устав се Гоце Делчев и Ѓорче Петров, а не Ѓорчев. Ако е случајна грешката ,,лимја нека фати,,, но ако е грешка од елементарно непознавање на историјата, за таква грешка нема прошка. А слушаме и сме се изнаслушале и такви непростливи грешки.                                                                                                                                                                                              

Loading