ДА НЕ БЕШЕ ЗАСТОЈОТ…

Pobeda

Фудбал: Небојша Стојковиќ, претседател на Победа

Претпоследното место е неуспех

Фудбалерите на Победа се на одмор до 10 јануари. Дотогаш ќе има оценки за постигнатото. Во првенството е освоено претпоследното, 9 место, во Купот е пласманот во полуфиналето. Што вели претседателот Небојша Стојковиќ?

– Чекавме, чекавме со огромна желба за да се направи нешто и првиот дел од полусезоната беше добро. Меѓутоа, се случи застој, поради незадоволство од доцнење на платите. Дојдовме до штета. Ако со овие играчи треба да се бориме за трето, второ место, па можеби и за прво ако имаме стадион, ова претпоследно место е катастрофално.

Што се случи?

– Компаниите – акционери што даваа пари, даваа и натаму нормално, редовно, според договорот. Од нивна страна секоја чест. Меѓутоа, требаше да се најдат дополнителни, нови спонзори. Не се најдоа и затоа имаше проблем. 

Забавеното не е заборавено?

-Така и ќе беше. Еве уште мошне малку има да се доисплати. Не е страшно. Околу 90 отсто е исплатено од тоа што се должеше.

Полуфиналето во Купот?

-Тоа е успех под услов да победиме во финалето. Уште не се знае. Попусто е сé, ако загубиме во полуфиналето од Академија Пандев. Нема да биде успех, ако не се освои купот. Само ако го имаме пехарот в раце, сезоната е спасена.

Одлуки од последниот состанок?

-Јане Николоски продолжува како тренер. Предложено ми е да продолжам како претседател на клубот. Мора да се вложат напори за нови спонзори да почне новата полусезона како што треба.

Напролет?

-За играчкиот кадар, како досега – тренерот одлучува. Засега само Навабуезе, кој имаше здравствен проблем, замина. Останатите имаат договори. Засилувањата зависат од буџетот.  Во првенството, не е голема бодовна разлика до горните места. Со професионална работа, можеме нагоре на табелата.                 

Loading