ПРЕТПРАЗНИЧНО ИЗНЕНАДУВАЊЕ НА АЕРОДРОМ

Прилепчанката Ивана Николоска е два милионитиот патник

ivana

Некогаш на изненадувањата им нема крај. Вообичаено се случуваат пред празниците кога и магијата е поголема. Наместо најблиските како што е и вообичаено, прилепчанката Ивана Николоска која живее во Мелбурн, на скопскиот аеродром ја пречека нејзиниот сограѓанин, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Таа беше пречекана и од извршниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој и претставници на компанијата. Причината беше што Ивана не  беше слеп патник, ниту пак привилегирана дека е сограѓанка со министерот, туку дека е два милионитиот патник на Скопскиот аеродром.

Ивана Николоска живее во Мелбурн. Таа пристигна од Доха со летот на „Катар Ервејс”. Во земјава И во родниот Прилеп доаѓа за претстојните празници.

Николоска во кусата изјава за медиумите рече оти е изненадена, но и среќна што токму таа е два милионитиот патник.

– Ова е навистина големо изненадување. Многу ми е мило што јас сум избраниот патник. Се надевам дека ќе се множат уште многу во иднина, рече Николоска.

Ivana 1

Владата, која минатата недела го објави третиот тендер за субвенции за евтини летови, очекува тој успешно да заврши до крајот на годинава, а за тоа во следните три години ќе бидат потрошени 5 милиони евра буџетски пари. Министерот за транспорт Сугарески најави дека паралелно ќе се прават анализи дали е исплатливо да се формира национален авиопревозник, а директорот на ТАВ Македонија, Ерсој, лично смета дека Владата не треба да и дава поддршка на националната авиокомпанија, туку таа да си обезбеди стабилни извори на финансирање.

Раководството на ТАВ си зададе задача на крајот на 2022 година да го дочека тримилионитиот патник. Со зимскиот ред на летање од Меѓународниот аеродорм Скопје функционираат 37 редовни авиолинии до 35 дестинации.

Loading