КАКО ДО КВАЛИФИКУВАНА РАБОТНА РАКА?

Регионална стопанска комора

foto stopanska komora

Недостигот од квалификувана работна рака, Регионална стопанска комора ќе го решава со два проекта. Во Комората е формирана работна група која интензивно работи на проблемот. Веќе е остварена средба на компаниите со директорите на стручните училишта. Според Јасмина Цветаноски, од работната група, првична е комуникацијата на компаниите со средните стручни училишта и спроведувањето практична настава.

– Првиот проект на кој работиме е зајакнувањето на соработката помеѓу компаниите и средните стручни училишта. Односно, отворање на вратите на компаниите за практична настава за средношколците која ќе ја одржуваат ментори од компаниите и од училиштата. Во целиот проект се вклучени Регионалната стопанска комора, компаниите, стручните училишта, Центарот за стручно образование и обука и Швајцарскиот проект – едукација за вработување. Компаниите индивидуално ќе одлучуваат за стимулација на средношколците и на менторите во овој процес. Втор проект е анализата за дефицитарен кадар на регионално ниво за да може со локалната самоуправа да влијаеме на уписната политика во средните училишта во соработка со Министерството за образование и наука – објаснува Цветаноски.

За правниот советник Орде Георгиески битно е да се покренат и правни регулативи. Ќе се бара стимулација од државата за македонските компании.

– Потребата е домашното стопанство да биде еднакво конкурентно како странските работодавци во Македонија. Ќе излеземе и со иницијатива за измени и предлози за законот за ТИРЗ-ови, во смисла за поддршка и олеснувања на државата за вработување нови лица во домашните компании. Потребни се и даночни олеснувања – вели Георгиески.

Според претседателот на Комората Ирена Јакимоска многу е битно подобрувањето на животниот стандард на работниците за младите да не заминуваат во странство. Анализата за состојбите се прави прв пат.

– Анализата за потребите на компаниите за стручен кадар, првпат ја правиме за оптимален период од пет години, младите да се насочат во соодветното стручно образование. Всушност, загубена е вербата, се прашуваат зошто да бидат едуцирани и кој би бил крајниот резултат. Од друга страна, крајно време е работодавачите да работат на надградба на животниот стандард на вработените како основен капитал Потребно е внимание да не ја загуби и конкурентската позиција, особено на извозно ориентираните компании. Верувам дека степенот на иселувањето на младите ќе се намали доколку тие видат позитивни промени во општеството. Тие ќе работат во странство, но ќе се вратат со поголеми искуства и побогати знаења, корисни за општеството – објаснува Јакимоска.

Неодамна Тутунски комбинат во соработка со Филип Морис инвестираше во СОУ „Ристе Ристески Ричко” во опремување кабинет за практична настава за подготвување соодветни кадри за компанијата.

Од наредната година Комората детално ќе анализира кои кадри точно се  потребни за да се даде ориентација на младите при запишувањето во средното и високото образование.

Loading