ДИНОСАУРУС СЕ КРИЕ ВО НАШИТЕ БАВЧИ

Живот: Стеван Настески, геолог и трагач на феномени од природата

-Има само три ипол сантиметри и изгледа како гранче од лоза

2

Природата е преполна со чуда и човек само за момент да се фокусира на нешто ново, ќе открие нови суштества. Потребно е само љубопитство, интерес, да се отвори широката врата кон непознатото. Оти секојдневниот човеков живот, со сите активности, се само една димензија, а сето останато – феномените, можеби се толку многу блиску, тука околу нас, и се што треба да направиме е да погледнеме во нив. Во ова не уверува искуството на Стеван Настески, на јавноста познат како геолог и иноватор, а всушност наш сограѓанин со посебен поглед и однос кон животинскиот и растителниот свет. Го гледа она што други не го гледаат, како на пример жив, мал диносаурус, како што самиот го нарекол новото животинче.

-Секаде може да се најде, но е толку мало, што тешко се забележува. Обично е со големина до еден, еден ипол сантиметар, а овој примерок што го најдов во Галичани е најголемиот – три ипол сантиметри. Досега толку голем не сум видел. Претходните беа ситни и со жолтозелена боја, а овој е со боја на исушено гранче од лоза. Формата му е како диносаурус и затоа така го нареков, а секако има и свое латинско име, за кое знаат биолозите – вели Настески.

Значи мал, мини – диносаурус. Телото му е од неколку дела. Прво се четирите нозе, по две задни и предни со кружни прстени со кои може да се фати и цврсто да се држи за некое растение. Нагоре има кренат долг врат, околу три сантиметри, така што со него изгледа како дигалка-кран. На врвот е главата со три сензори, како раце-фаќалки со кои ја допира околината. Оти ова е слепо животинче и така живее – без очи. Таков му е родот. Оди по ниските растенија, тревките, од кои се храни. На главата има уста-цицалка со која цица сок од растението.

3

-Се прицврстува до растението, како да  е вкопано со канџи во него. Се прицврстува на гранка. Интересно е како ја наоѓа гранката: кружи во просторот, се врти како купола, како радар лево-десно, долу-горе и бара некоја тревка. Кога ќе се фати за неа, ја одмерува со сензорот и ја фаќа како со канџи. Потоа се стегнува цврсто, ги ослободува задните нозе и се собира во форма на јаже. Задните нозе ги носи кон предните. Тоа е за нецела секунда, со еден потег – опишува Настески.

Движењето му е како зајачко, со скокови. Ако е задоволен со местото, се задржува. На предниот дел, со устата, ги влече соковите. Само со соковите од растението се храни. Доколку не го бендисува храната, со потег се враќа наназад и застанува во маскирна положба и прави привид како да е дел, гранче од растението. Често има обичај да биде маскиран, да се преправа како да е растение а да не биде забележан. Затоа што може да биде нападнат од некое друго животинче. Маскиран, преправен, тешко се забележува.Луѓето мислат дека е некое гранче од растение. Наликува на гранче, а не на животинче.

-Тешко се препознава животинчето, кое го нарекувам еден вид мал диносаурус, слеп, со раце-сензори. Првин мислев дека е растение, гранче, оти е совршено маскиран. Само ако се гледа фотографиран и зголемен на компјутер, дури тогаш се гледаат разликите со растението. Кога се преправа, да го доприш, останува скаменет и не мрда. Доколку, биде турнат, се витка во форма на круг, а тоа го може оти е безрбетник – зборува за структурата и навиките, Стеван.

Сувата трева е идеално место за маскирање. Се движи по зелената трева, а кога се маскира, тогаш застанува на сувата. Кога се приближива зимата е на сувата трева. Издржливо животинче е. Не мрзне и на пониски температури, до минус 4 степени. Најчудното е што никој не го забележува, а го има секаде, во нашите бавчи и дворови, каде бара храна во тревките. Нашиот раскажувач долго време не можел да ја открие вистината за него – вистината дека е нешто живо, дека е животно. Причина е тоа што е маскирано и е многу малечко.

1-Одамна го гледав, можеби 20 години. Не можев да утврдам што е. Оти е мошне мало не му обрнував многу внимание. Така беше се додека пред три недели не го сликав и снимив со мобилен. Два дена го гледав. Го преместив на кујнски нож за да го сликам и оттука да се види колку е мал. Имав идеја да му дадам значење на животинчето, да го искористам како заштитен знак за мој пронајдок. Го најдов во една бавча во Галичани, а може да се најде и во градов. Но толку голем примерок немам сретнато, ами само до еден ипол сантиметар. Местото на живеење не го менува додека има во околината доволно храна за него. Веројатно долго живее на мал простор, во еден метар квадратен – претпоставува Настески.

Има енормна должина на вратот во споредба со останатиот дел од телото, а успева да се држи исправен. Располага со неверојатно чувство за рамнотежа. Ако се погледне долната страна – мевот, тука е интересен ,,уметнички,, дел. Неколкуте жили, најчесто четири, издолжени оддолу до врвот и така поставени на телото, совршено личат на гитара. А горниот дел, сензорите, се како ,,штелувачи,,, регулатори на гитарата. Колку и да го мрдаш надолу-нагоре, останува несвиткан, во истата форма. Не отстапува од веќе фиксираната положба. Како хипнотизиран, како скаменет е цело време.

-Затоа што е скаменет, проверував дали е животинче. Утврдив дури кога се помрдна. Пред да го сликам, сакав да го помрднам, а притоа да не го повредам. Оти станува збор за едно многу мирно суштество. Воопшто не е опасно за човекот – тврди Стеван.

Мнозинството луѓе се преоптоварени со секојдневието и не ги гледаат поситните работи во околината. Зарем некој задлабочен во бизниси и во трка по финансии, може да се замисли и заинтересира за разни бубалки околу себе? Тешко. А ете има и такви поединци кои имаат предвид дека човекот не е сам, ами е само едно од безбројните суштества.Оттука има многу чудесни работи за осознавање. Тука лежи одговорот на прашањето: Откаде толку интерес за едно мало животинче?

-Можеби секоја непознатост или сличност во природата, навлекува интерес. И во рударството, во геологијата каде работев, има кристални решетки што го градат еден минерал. Минералот може да се јави во облик на кристална опашка, во петтоаголна или шестоаголна форма. Тие се природни облици на кристалите. Тие што студираат минерологија едноставно се чудат. Според ова, ние сличности среќаваме и кај животните. Тоа го привлекува вниманието и те предизвкува да осознаеш: што е, како изгледа, како се движи, како се храни. Те привлекува сознанието дека е нешто ново, досега непознато. Она што е старо не е интересно. Љубопитството е човечка особина, како кај децата детската фантазија. Токму сличноста на ова животинче со диносаурусите мене ме заинтересира – истакнува Настески. 

Го оставил животинчето во Галичани и верува дека кога ќе се врати ќе го најде на истото место. Го пуштил долу, го приземјил, за да може да биде позаштитено од мразот, во тревата. Тоа е издржливо. Ако вистинските, големите диносауруси изумреле пред 200 милиони години, денешново уште живее. Првата претпоставка е дека може да живее колку и човекот.

Пајак – милениче

Паметиме убава приказнаа ,,И пајакот го создал Господ за добрина,,, каде таткото ги учеше синовите да го ценат секој живот, па и пајаковиот. И Настески е со истата филозофија. Не сака, како другите луѓе, да му го одземе животот на пајакот, оти не му ја дал душата за да му ја земе.

-Имам еден пајак. Три години го набљудувам оти ми е многу интересна неговата боја: жолта и црна во бранови. На вратниот дел има развиено форма на цвет, каде прашниците се околу, а во средината е толчникот. Тоа е привид за инсектите, кои сакаат да го посетат цветот, а всушност одат пред очите на пајакот. Тој веднаш ги зграбува. Скриен е под стреата на мојата куќа. Тука е неговата пајажина-мрежа, на која лови инсекти. Сум го хранел со пеперутки, но еднаш кога му беше доволно јадењето, не сакаше повеќе да јаде. Пеперутката ја ослободи од својата мрежа и ја пушти да си лета слободно – ни рече Стеван.

Невестински цвет

Љубовта е иста и кон растенијата. Стеван ни откри една долгочувана тајна. Се вика ,,невестински цвет.

-Така го викам, а точното име не му го знам. Може да се најде во околината од градов, под Маркукуле. Тој е цвет што зборува. Ги кажува тајните за идниот брачен другар. Пример: некоја девојка, кога се ближи времето за брак, цветот го откинува и го става под перница. Во текот на сонот го сонува идниот партнер во природна големина и со карактеристичен лик и облека. Го сонува со ликот, косата и облеката, како што ќе изгледа на свадбата. Ова тајна ми ја кажа мајка ми – вели Настески.

Loading