ДЕРВЕНЏИИ НА УШИТЕ

atak na divi kopaci

Локалитетот Ушите претставува премин на стариот пат меѓу Прилеп и селото Канатларци. Во поодамнешни периоди патот бил многу експлоатиран. Поминувале патниците за битолските села и за Битола. Се слушаат многу приказни и преданија за случки, особено за турско време, кога арамиските банди ги пречекувале патниците, пазарџиите и трговците и ги ограбувале, малтретирале, па и убивале. Многу убиства се поврзани токму со Ушите. Поради безбедносни причини, актуелните власти се обидувале да го обезбедат преминот со поставување на полициска или воена служба за заштита на патниците и стоките.

Поведени од приказните и сознанијата, трагачите по скриени богатства и авантуристите не го заобиколиле ниту ова место. Речиси целото го раскопале во потрагата. Овие активности извадиле на површината и материјали, кои се доказ за преданијата и претпоставките за третманот на овој превој. При копањето, излегле купишта фрагменти од керамички садови, тегули и сл. Тие потврдуваат и ги продлабочуваат раскажувањата. Голем број рачки од керамички садови, во разни форми, упатуваат на експлоатација на превојот уште во доцната антика и средните векови, пред доаѓањето на османлиите. Присутниот градежен камен како материјал упатува и на градби, кои постоеле во одредени периоди. Не е исклучено постоење на помала населба баш на превојот во близина на исклучителниот врв Веслец, кој располага со остатоци од голема тврдина од раната антика. Има траги и од праисториските периоди.

prevojot usite

Кај Ушите има интересен локалитет на блиско растојание. Таму се среќаваат траги од утврдување и археолошки материјал од раната антика и римскиот период, односно од македонско-римскиот период. Тоа е Ерековско Кале, во чие подножје се крие населба од подлабоката историја, која оди до новото камено време, односно локалитетот Комачани  кај селото Шелеверци.

Показателите дека на превојот имало градби наведуваат на помисла дека тие се кревани за контрола и заштита на патниците. Се поставувало обезбедување, односно дервенџии, карактеристични за турскиот период, организирани од помлади жители на блиските села. Така станува интересна сликата за Ушите.

Loading