Тутунскиот комбинат ги отвори вратите за откупната кампања на тутунот од годинашнава реколта. Се активираа електронските ваги. Првите тутунари го ставија родот на кантарите во очекување на добра проценка. Комбинатот е подготвен да преземе околу 2500 тони договорени количества што ќе ги плаќа по три дена.
-Ќе работиме на 24 пункта со 34 ваги. Финансиската конструкција за исплата е заокружена. Ќе плаќаме по три дена од преземањето на тутунот – вели директорот Кире Станкоски.
– Добро е со првите 300 килограми од сите класи. Ќе видиме како ќе оди проценката натаму. Откупните цени треба да бидат повисоки – вели тутунарот Гоце Стојкоски.
Тутунските здруженија очекуваат реална проценка. Имаат повереници на сите пунктови да не се дозволат манипулации од откупувачите.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски очекува стабилен откуп на околу 23.500 тони на 195 пунктови.
-Државниот земјоделски инспекторат ги направи сите проверки. Засеани беа 14 802 хектри, а склучени се 34.104 договори со девет откупни претпријатија. Тоа е за 4.700 договори повеќе од лани и 400 хектари повеќе. Пријавени за откуп се 29.000 тони, но поради лошите временски услови не е постигнат овој принос. Затоа реколтата ќе ,,тежи,, над 23 500 тони или колку лани, кога се постигна највисока просечна цена од 217,6 денари за килограм и се воспостави нов модел на исплата на субвенциите по три нивоа (80,70 и 60 денари по класи) – рече Николовски.
Според директорот на Државниот земјоделски инспекторат Благој Индов, осум од деветте откупни фирми обезбедиле пари за откуп. Се иочекува до 15 декември и фирмата Мисиријан од Струмица да ја обезбеди исплатата на откупот.
Новиот закон за тутун се очекува до крајот на годинава. Постепено ќе се укинат евидентните листови. Ќе има пилот проекти за намалување на административните процедури и за раст на тутунопроизводството в година.
Тутунот обезбедува егзистенција на 23 000 семејства во Македонија и 100 милиона евра девизен прилив годишно.