ИСТОРИСКИ РАСКАЗИ ОД МАРУЛ

marul

Фељтон: Томе Велјановски

Марулецот Томе Велјановски кој живее во Гетеборг во Шведска, меѓу бројните записи и сеќавања кои ги собрал, се и оние за настаните од Втората светска војна. Ги зачувал прибелешките во кои опишува случки кои му оставиле длабоки траги во меморијата, а кои биле поврзани со неговите блиски. Негова  цел е да ги пренесе приказните од народноослободителната борба користејќи разговорен јазик. Не е прв пат Томе Велјановски да пишува за селото Марул. Во изминатиот период на страниците на Зенит ги пренесовме неговите белешки за родословијата во овој крај.

Глава 3

Кога ќе дојде време за вршење, бугарските власти правеле контроли да не се крие житото. Со долги метални шипки дупеле во копите со слама да не има внатре скриено амбари, вреќи со жито или пак да не се има турано голо жито во самите сламени копи. Исто така, барале овчка волна, сапун и ред други работи. Сето откриено го одземале и го транспортирале во нивната татковина. Ако мислеа дека Македонците се Бугари немаше тоа да го прават.

Вршеа мобилизација на војници, трудоваци, без наплатено, оддалечени од своите домови, работеа како градители на разни места во Бугарија. Мобилизираа војници од македонската националност да служат во бугарската војска. Македонскиот народ, особено селаните, земјоделците за да ги спасуваат своите производи приморани беа да прават разни скривалишта, ископани канали, ѓеризи, пештери во ридните населени места. Истоа така тоа беа приморани да го прават марулчани за да ги зачуваат своите производи сработени со пот на жешкото сонце.

Сокривањето на житните култури не било едноставно. Сокриеното жито во ископаните јами в земи, иако биле изолирани со слама, ржаница, трска и друг материјал од влагата, морало вреќите со жито да ги вртат за да не се расипи житото. Тоа било дополнителна тешка физичка работа. Во случај да се расипи вреќа со жито ја мелеле за стоката. Додека вишокот на жито го продавале со пониска цена откако ќе помини комисијата за откривање на сокриени житни култури.

Оваа тешка земјоделско жетварска работа се работела со помош на аргати, работници со платени надници со пари. Исто така доаѓале аргати од подалечни места како носачи на трева и аргати жетвари од српските краеви, Црна Трава, Врањско и од Косово. Не било лесно да се одржува тој занает без ничија помош. Моралот бил многу јак, голем. Од обични турски момци постанале сопствени чифлигари земјоделци.

Заминале Бугарите за Бугарија, од нивната контрола не се открило ништо во Марул. Во месец октомври прилепскиот народен одбор испратил по селата контролни лица за откривање на сокриени работи, повеќето се однесувало за жито. Во с. Марул бил испратен Петре Кузман Волковчанец поради тоа што имал тетка, сестра на мајка му од Гроздановци од с. Лопатица. На Петре марулските домаќинства прилично му биле познати. Петре Кузман дошол во Марул наоружан со боева пушка и муниција префрлена преку рамо и пиштолот полн патрони обесен на ременот прекупола.

Петре го сретнал шеснаесетгодишниот Јолески Благоја и го прашал: Момче каде имаат марулците сокриено жито? Не знам, му одговорил Благоја. Ако не ми кажиш, ќе те наоружам со пушкава и ќе те пратам војни партизан на прва борбена линија , му рекол Петре Кузман на Благоја Јолески. Од таа закана према Благоја, како да се исплашил и рекол, да во трлото Велјаноско, она горе на чајро. Чие е тоа жито прашал Петре Кузман. Житото е од Велјановци, од вујко ми Ристе, Богдан и Петре Јанкоски. Каде има скриено друго жито? Благоја одговорил: Во пештерите во Бачилиште. Дали ги познаваш стопаните на житото? Да, ги познавам, рекол Благоја. Велјаноски Ристе ни е малски комшија. Јанкоски Ристе и Богдан и се браќа на мајка ми Доста. А додека Јанкоски Петре и е прв брачед од стрико на мајка ми Доста, одговорил Јолески Благоја.

Петре Кузман го прашал Благоја, дали можиме сега да ги пронајдиме стопаните на житото. Сите овие се блиски комшии. Благоја заедно со Петре ги повикале стопаните на житото кај ширината на гумното Богданоско. Петре Кузман прв реагирал и рекол: Зошто вие го криете житото од народната македонска власт. Стопаните на житото му одговориле: Житото е сокриено уште летоска додека се вршеше, додека Бугарите беа на власт. Од нив го криеме, рекол Јанкоски Ристе. Продолжи Ристе, ако ние, го криеме житото од Македонците и од вас, немаше да ја примиме Втората македонска бригада од 500 македонски војници четири дена ја издржуваме со храна и нешто со облека, испрана нивната горн аоблека. На заминување и подаривме четири товарити добици за транспорт. За нашата помош што према бригадата и чест према нејзе командантот на бригадата Темелкоски Дончо ни остави благодарница.

Исто така марулци имаа испратено 20 војници во македонската војска во која еден загина и еден е ранет, му објаснил Ристе Јанскоски на Петре Кузман.

Петре Кузман налутено рече: Дончо е само војник, ние ја правиме македонската држава! Петре Кузман налутено му го впери пиштоло в уста на Ристе Јанкоски – Велјаноски. Кажете каде имате уште сокриено жито освен во трлото и во пештерите во Бачилиште. Тоа е жито, повеќе немаме, одговорија сите четворица, двата Ристевци, Богдан и Петре. Нареди Петре Кузман, сето жито што е сокриено вечерва да се собери и натовари на колите и утре да се однеси во куќата на Вртан во Прилеп.

Наредниот ден уште непровидено товарените коли од вечерта со 3 500 илјади кила жито ги спрегале ѕевгарите Велјаноски Ванѓел, Јанкоски Богдан, Крсте и Петре го дотераа житото кај куќата на Вртан, го растовариле житото и отидоја на спратот горе во канцеларијата за да ги добијат назад вреќите. Началникот на тогашна ОЗНА за Прилеп мариовецот Стале Попов, покасно писател му заповедал на неговите соработници извршители: Спроведете ги долу во визбата и бесилката за нив, сите се бугарофили. Само што го изрекол тој гаден збор уште незапишани заѕвонил телефонот. Слушалката ја кренал Стале Попов, се слушнал гласот преку телефонот на српски јазик дека Германците се вратиле на Пожаревац. Настанала паника.         

(продолжува)

Loading