ИМПРЕСИВНИ ЦРТЕЖИ НА КАРПА КАЈ СЕЛОТО ЛОПАТИЦА

DSCN1851-v1

Цртежи на две антропоморфни фигури, машка и женска, со бела боја и со груба, но импресивна естетика се видливи на импозантната гранитна карпа кај врвот Висока кај селото Лопатица во месноста Црвеница. Примитивно е сликањето, но симболиката е нагласена. Полукружната карпа е висока повеќе од 100 м. Има дел со мала пештера. Елементите на цртежот укажуваат на постар датум, но без соодветни методи за датирање, тешко е да се открие времето на настанувањето.

На горниот дел е фигура на жена со необични пропорции – изразено голема глава и сразмерно помало тело, како и несразмерно долги раце, особено левата рака во која држи бројаница со крст или фигура на птица. Во десната рака држи извесна куполеста форма, односно испружената рака се наоѓа над куполестата форма. Ликот на женската фигура е изразен со нагласување на очите, устата и носот, како и силно изразени веѓи. Нагласени се и косата и градите. Се чини дека фигурата е претставена со долга облека, бидејќи не се распознаваат нозете. Машката фигура е под женската. Иако според распоредот се наоѓа под женската, остава силна импресија со ореолот околу несразмерно големата глава. Околу главата има извесни зраци или знаци кои се радијално поставени. Тоа ја нагласува важноста на цртежот. Во споредба со релативно малите очи, носот, устата на машката фигура е потенцирана со несразмерната големина на телото кое е многу мало во споредба со главата. Во левата рака држи копје, а десната, се чини, испружена, но не се распознава целата нејзина должина. Нозете се нагласени и јасно се забележуваат. Двата цртежа се со груба, но импресивна естетика. Поради тоа што цртежот на женската фигура се наоѓа над машкиот, алудира на соодветно значење. Веројатно дека се работи за цртежи од праисторијата, од времето на матријархатот кога жената имала посебно значење, како симбол на плодноста, мајка, како симбол на убавина и еротска привлечност. Тоа е нагласено со бројаницата во левата рака и со куполестата форма под испружената десна рака, која би можела да го претставува домот, кој бил исклучива надлежност на жената, која се грижела за неговото одржување, за одгледување на децата, нивното прехранување и сл. Фигурата на мажот, под жената, не е со помало значење, иако е во понискиот дел. Сепак не мора да значи некаква хиерархија. Значењето е зголемено со ореолот околу главата. Тоа укажува на посебен третман на мажот, можеби извесно силно божество, кое било култ во времето на создавањето на цртежите. Копјето во десната рака ја нагласува улогата на мажот како ловец и заштитник на семејството. Веројатноста е голема дека машката фигура претставува како некое машко божество, култ на сигурноста на семејството, заштита од напади, заштита од глад во времето во кое човекот зависел од ловот како начин на снабдување со храна.

DSCN1837-v1

Датирањето упатува од три до едно илјадалетие пред нашата ера поради употребената симболика на цртежите и остатоцитете од праисториската населба на околу 500 м. од фасцинантната карпа Црвеница. Хиерархискиот распоред на цртежите, женскиот над машкиот, укажува на можноста и на постаро датирање, односно на времето на матријархатот, неолитот. Потребни се длабоки анализи, археолошки истраги, примена на современи методи на датирање на потеклото на овој импозантен култен објект.

Над нишата со цртежите се наоѓаат и две мали јами, длабнатини, поголема и помала, со пречник од околу 10 см и 5 см. Од западната страна има мазна и вдлабната површина со кружна форма со пречник од 50 до 60 см. Тоа се знаци на интервенции кои кажуваат дека целата поткарпа била заштитена со конструкција. Се забележува и долго и тесно каналче и други зафати на човечка рака. Се среќаваат и други наоди кои укажуваат на некогашното значење. Има фрагменти од керамички садови, разни обработени форми по површината на карпите, кремен и сл.

Наткрилениот дел на поткарпата дава заштита во вертикалниот профил. До цртежите се стигнува по долга, стрмна и јасна патека. На повеќе места по должината се среќаваат вдлабнати стапалки или држачи, кои и денес можат да се искористат за пристап. Голема е веројатноста дека патеката била дополнително обезбедена за полесен пристап до култниот простор.

DSCN1841-v1

Loading