СТАНОЈОСКИ ВТОР, А ВЕЛЕСКИ ГО СОПРЕ ШАРИЌ

Шах: Меѓународен турнир во забрзан шах „Трети ноември“

Тие се единствените наградени прилепчани

Zvonko Stanojoski

Меѓународниот турнир во забрзан шах „Трети ноември“, на ШК Прилеп и Општината ги оправда очекувањата: организацијата, масовноста од 127 учесници од Македонија, Србија, Бугарија и Хрватска и квалитетот. Градов убаво го претставија домашните претставници. Пред сé, ВМ Звонко Станојоски, второпласиран со 7 поени, само половина поен помалку од првиот, ИМ Филип Панчевски. Прилепскиот велемајстор загуби само од ИМ Златановиќ (Србија), ремизира со ИМ Средоевиќ (Србија) и ФМ Лазов, а ги совлада: Брзовски, Ѓорѓиевски, Митковски, ФМ Динев, Гецовски и ФМ Ристиќ (Србија).

-Задоволен сум од играта, малку го подобрив и рејтингот. Да не бидам прв, придонесе единствениот пораз од  Златановиќ, во 6 коло. Борбено ремизирав со Средоевиќ, а брзо со Лазов. И на другите партии одиграв како што посакував и – пласманот е две места повисок од стартниот. Турнирот беше одлично организиран, со квалитетни домашни и странски шахисти. Добро е што ќе биде традиционален – рече Станојоски.

Парични награди прво беа доделени на најдобрите десетмина – од 15000 до 2000 денари. Потоа имаше уште неколку специјални парични награди, меѓу кои и за најдобар прилепски шахист под  првите десетмина – ФМ Роберт Велески, со 6,5 поена на 11 место, четири над почетната позиција. Доживеа 2 пораза (од ИМ Средоевиќ и од ИМ Николовски),  6 победи (против Младенов, Атанасов, Јанков, Готовуша, ФМ Живковиќ од Србија и со женскиот велемајстор Коскоска), а има и едно – вредно реми со ВМ Шариќ од Хрватска, кој поради ова, наместо прв, падна на 9 место. За успехот покажува споредбата – Велески е со рејтинг 2266, Шариќ со 2563. Од македонските шахисти, покрај победникот Панчевски и вториот Станојоски, меѓу најдобрите десет  беа: ФМ Лазов, ФМ Динев, ИМ Николовски и Јованоски.

Во Студентскиот дом ,,Орде Чопела,, правдата ја делеа судиите: главниот Тони Кироски, асистентите Кире Николоски, Оливер Органџиев и Борис Лушески.

Loading