АНТИЧКА СКУЛПТУРА И КУЛТНА ГРАДИНА КАЈ ВИТОЛИШТЕ

МАРИОВО

501-v1-800x445

Атарот на селото Витолиште е преполн со древни остатоци од населби и култни објекти. Повеќето се регистрирани од археолозите, но археолошки истражувања, освен во Задна Река – Грмајте, не се правени на последниве децении. Сознанијата за локалитетите се базираат на рекогносцирања од археолозите Никола Вулиќ, Иван Микулчиќ И нешро од археолози од прилепскиот Завод и Музеј.

Јужно од Витолиште на околу 1 км е локалитетот Моклиште. Содржи интересни културни наоди кои укажуваат на остатоци од населба од римското време. Наодите се особено присутни во околината на чешмата позната како Влајкова Чешма, околу која и денес има поголема грамада од градежен камен, како и поголеми и помали обработени блокови од мермер или друг вид камен. Се среќаваат фрагменти од керамички садови, тегули, питоси, остатоци од стари градби со камен и варов малтер. Долината е погодна за градини, заради плодната почва и изворите. Некои од камењата крај чешмата се со извесни профилации, што укажува на нивната обработка и вклопување на одредени места во градбата која егзистирала.

На просторот околу чешмата пред неколку години е пронајдена скулптура од мермер, која претставува машка фигура во природна големина со откршена глава и поставена, односно, изработена со постамент. Фигурата е релативно добро изработена со нагласени набори на долгата наметка, со по еден детал од левата и десната страна, како и еден квадратен отвор во долниот дел меѓу стапалата. Покрај ногата е изработена извесна форма, која потсетува на куче, а на десната страна јасно се распознава горниот дел од главата и вратот на коњ, со затегнати узди. Претставата побудува интерес и поттикнува на продлабочено размислување за ликот на античката скулптура, која веројатно потекнува од првите векови на првиот милениум. Споменици од тој период на просторот на Витолиште, веќе се констатирани во поголем број, како една стела во црквата Св. Атанасие, еден обработен камен блок со натпис на селската чешма, како и еден сличен камен блок со натпис од локалитетот Царацина Нива. Се надоврзува и сознанието за позначајна населба од римскиот период, чие име, содржи еден дел со израз ,,генеатас,,. Поради тоа, скулптурата од Моклиште е уште една потврда за значењето и нивото на култура во римскиот период на овој простор.

Скулптурата не е обична на човечки лик. Таа е покомплексна претстава, на која се среќава содржинска симболика. Тоа упатува на размисла дека се работи за фигура на некое божество, чии особини се поврзани со деталите. Бидејќи нема докази за идентитетот, се претпоставува дека се работи за претстава на богот на водите Посејдон, чиј култ е поврзан и со коњот. Не треба да се исклучи претставата на божество од локално значење, како ни тоа дека фигурата, можеби била посветена на некоја значајна личност од античката населба на овој простор, која имала посебен однос кон ловот. Бидејќи покрај коњот, на скулптурата има претставено и куче. Посебниот отвор меѓу двете стапала на скулптурата претставува своевиден олтар за ритуално жртвување на култот.

skultura mariovo

Во античко време во населбата која егзистирала во Моклиште имало и нимфеум, односно чешма со придружни објекти и скулптури со култна намена поврзана со изворот и водата. Дека водата била посебно култно третирана има многу докази. Имајќи предвид дека во околината има зелени, водни и плодни површини, не е исклучено на просторот да егзистирала култна градина со цвеќиња, култни фигури и сл. Од Плутарх е познато дека Филип 2, на учителот Аристотел и на својот син Александар им одредил место за престој и учење во извесен Нимфеј кај Миеза ,,каде и сега ги покажуваат камените клупи во сенките во кои се шетале учителот и ученикот,,. Ова буди асоцијација и потсетува на градините на Мида во подножјето на планината Бермион, само неколку десетици километри од Витолиште.

Loading