МЛАДОСТ КОН ТИТУЛА ПО 9 ГОДИНИ

Пинг-понг: Според првите 4 кола и меч-разликата од 16-4

Совладани Мултитекс, Шампион ФА. Работнички и Телеком

Gjoko Jockoski

Најголемите пингпонгарски приврзаници тешко да се сетат најпрецизно кога точно екипата на Младост последен пат беше шампион на Македонија. Ништо чудно со оглед на тоа што последната титула е освоена во сезоната 2009/2010, под водство на тренерот Зоран Јованоски, со играчите: Ѓоко Јочкоски, Гоце Тошески, браќата Гоце и Александар Штаргоски. Оттогаш наваму како одминуваше времето, така врвот од табелата беше се подалеку, сé до есенва, кога и без громогласна најава на амбициите се гледа дека целта е титулата. Наредени се 4 победи: против Мултитекс Битола (4-0), Шампион ФА Штип (4-1), Работнички Скопје (4-1) и Телеком Скопје (4-2) со малку изменета постава. И сега тренер-играч е Јованоски. У ште играчи се Јочкоски и А. Штаргоски. Повратник е Петар Јованоски, а од пролетоска апсолутно нов е само Љубиша Милошевиќ од Србија.

Двајца играчи на Младост, Милошевиќ и Јочкоски, се во десетте најдобри на ранг-листата по четирите кола. Што се однесува до Милошевиќ (53), се работи за искусен играч, кој редовно учествува во ветеранска конкуренција, но се уште успешен е и во сениорска. Тренира во Белград, а игра за два клуба – Чукарички Белград и Младост, исто како и Кристијан Станојковски, пингпонгар во Србија и во Вардар Скопје. Милошевиќ придонесе за сите есенски победи на Младост, без ниеден пораз и преку 5 добиени партии со сет-разлика од 15-2.  Високо на ранг-листата е и Јочкоски, со 5 добиени и 1 загубена партија, со скор во сетови 15-7. Ова се одлични резултати, но првенството штотуку почна и допрва се разгорува битката за титулата. Во првиот круг преостануваат уште три кола, со оглед на тоа што Лигата брои осум тима.

Освен Младост, резултати за почит имаат и членовите на Младост 96. По почетните порази од Телеком (2-4) и Вардар (0-4), беа постигнати две победи, над Мултитекс (4-0) и Шампион ФА (4-1). Придонесоа: тренерот Гоце Тошески, играчите Александар Рикалоски, Петар Костовски, Антонио Стомнароски и Андреј Лашкоски. Амбицијата и на овој состав е висок пласман.

Табела: Вардар и Младост по 8, Телеком, Младост 96 и Работнички по 6, Шампиони ФА и УГД по 5, Мултитекс 4.

Дерби во „Добре Јованоски“

Кој сака пинг-понг може да гледа в недела, во салата од ОУ ,,Добре Јованоски,, каде што на осум маси ќе се играат две кола од машката и женската лига. Привлечна е машката конкуренција, каде во 5 коло Младост се среќава со УГД, а Младост 96 со Работнички. Во 6 коло е ,,шлагот,, со прилепското дерби Младост – Младост 96. Младост веќе ја истакна кандидатурата за врвот, со триумф ќе ја потврди, а ако биде обратно – Младост 96 ќе може да се смета за еден од аспирантите.

Loading