ЦРКВАТА КРСТЕНА СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ ПО БЛАГАТА ВЕСТ

180 години од најголемиот прилепски православен храм

33 big

Иконостас, еден од ретките во земјата, владички стол, икони, столот на Аџи Христо Логотет, богат фрескоживопис, ракописен прилепски антиминис, престолните евангелија, псалтир и богослужбени книги. Тоа е дел од богатото наследство на црквата Свето Благовештение, собирано со години, од осветувањето пред 180 години. Верскиот објект им овозможил на граѓаните да добијат духовен храм во кој ќе ги  изразуваат своите верски чувства и ќе можат да се молат.

 Пред неколку години црквата доби нови тавани, ѕидови, галерија (популарно наречена женска црква). Во рамките на заложбите за заштита на црковното наследство, останува уште да се уреди дворот и фасадата.

Како е издејствувана градбата на овој божји храм?

Прилеп, пред 1838 година, иако имал долга свештеничка традиција, немал грандиозен верски објект. Условите за градба созревале полека. Иницијативата за изградба на црква ја покренале угледни личности – чорбаџии и занаетчии, сакајќи да ја остварат вековната желба за божји дом. Голема улога во заложбите за добивање на документ за изградба на црквата одиграле еснафите, особено тутунџискиот. Клучната и одговорна задача била остварена преку тутунски трговец – Аџи Христо Дамјанов.

Тој бил еминентна личност кој имал храброст да ги изнесе желбите на сограѓаните и со умешност, способност и тактичност, да ги достигне своите цели пред османлиската власт. Бил надарен и влијателен трговец. Титулата “логотет” ја стекнал во Смирна, во тамошниот тутунски магацин каде работел како писар, зашто зборот значи писар, писател, брзописец, висок чиновник. Во 1826 година се вратил и станал епитроп на црквата Св. Димитрија во Варош. Аџи Христо ја осетил желба за нова црква и познантството со Рушид – Паша го искористил да го запознае со долгогодишната желба на граѓаните да добијат црква, во која ќе се пее и богослужи на мајчин јазик. Напишал молба до Падишахот, барајќи да се подигне црква. Отишол во Цариград, најпрвин на средба со патријархот Григориј, а потоа со Рушид – Паша. Така успеал да влезе во дворецот на главниот секретар на султанот, каде ја раскажал маката на прилепчани, потребата од божји храм каде ќе се молат за здравје на султанот и патријархот. Му одговориле дека треба да чекаат неколку месеци. Ферманот за градење на црквата бил добиен во 1835 година.

36448073 830606637133404 7526749157663440896 n

Локацијата била одбрана на местото на баба Мита од семејството Миџовци. Таа го дала имотот за црквата. Сите еснафи давале материјал побрзо да се креницрквата. Биле ангажирани прочуените мајстори Коста Лауцот и Ристо Тасламиче. Пред градбата се поставило прашањето на кој светител да му биде посветена црквата. Се решило да биде посветена на празникот Св. Благовештение, зашто дотогаш пристигнала благата и најубава вест.

Мајсторите почнале да ја градат црквата долга 32 метри, широка 26, а висока 9 метри. Ја ѕидале со бигорлив делкан варовник, со многу колони од северната, западната и јужната страна. На источната страна е изграден широкиот олтарен простор со апсидата. Наосот го сочинуваат три кораби формирани од два реда масивни колони. Централниот кораб е полукружно засводен и се издига повисоко од страничните. Кон западната страна на црквата е т.н. женска црква. Галериите се на јужната и северната страна на црквата, во горниот дел на тремовите. Заедно со црквата се градела и камбанаријата, во бароктен стил. Еден од најзаслужните за камбанаријата бил чифликџијата Аџи Ангеле Илиев.

Најрадосниот ден за сите прилепчани бил четврток 1838 година, на празникот раѓањето на Пресвета Богородица. Ден кога црковната општина решила да се освети црквата за да се служат богослужби и сите свети тајни и обреди. Осветувањето го извршил митрополитот Пелагониски Герасим, кој на тронот дошол 1833 година и тука останал до 1840 година. На осветувањето присуствувале сите свештеници и речиси целиот град. На чело бил Аџи Поп Костадин Динка, првиот архиерејски намесник во Прилеп, а сослужувале свештениците Христо Икономовски, Ангеле Смичковски, Константин Пантов и други. Само 14 дена по осветувањето на црквата за свештеник бил ракоположен Димитриј Икономоски. Со осветувањето на црквата, прилепчани до денес присуствуваат на редовен литургиски и богослужбен живот.

36464079 830606507133417 6245420964268474368 n

По осветувањето почнала градбата на иконостасот. Подоцна се изработени владичкиот стол, амвонот и троделниот стол на аџи Христо.

Храмот располага со извонредни дрворезбарски дела кои пленат со својата убавина. Тие се одраз на карактерите на двајцата мајстори – предводници на своите тајфи, Петре Филипоски – Гарката и неговиот зет, Димитар Станишев. Посебено впечатливи се иконостасот од 16 м., а висок, 6,2 м, владичкиот стол, амвонот, столот на аџи Христо, фрескоживописот, иконите. Иконостасот е изработен е од ореово дрво. Гарката го работел во делови три години. Чинел околу 1000 турски лири. Деловите биле составувани во црквата.

Црвата е богата со над 180 икони. Дел се депонирани во Завод и Музеј, дел се изложени во галеријата на икони, изработени од извонредните мајстори Јован Атанасов – Прилепчанин и Адамче Најдов.

Како вреден објект, таа е споменик на културата заштитен со закон.

Loading