ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ

kultura

Изложба на фотографии „Црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново – Ремек дело на византиската уметност во Македонија“, ќе биде отворена  вечерва во 20,30 часот во  ликовниот салон на ЦК ,,Марко Цепенков”. Изложбата е во организација на ЗГ Менелај – Прилеп, во соработка со Институтот за старословенска култура – Прилеп и Здружението за валоризација, презентација и педагогија на културното наследство – Македонида, а се реализира во рамките на манифестацијата „Нов културен бран”, поддржана од Министерството за култура.

Во рамките на изложбата ќе бидат презентирани фотографии од фрескоживописот на црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново, кој се сврстува помеѓу најзначајните ликовни остварувања на византиската уметност.

– Фотографиите се резултат на проектот Македонски фрески – Маско 360, кој е реализиран во рамките на програмата Европска година на културното наследство, а се снимени од страна на студенти специјализанти за дигитална фотографија на Универзитетот Георг Аугуст во Гетинген.  До сега изложбата била претставена во Музејот на град Скопје, по што е презентирана на Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен и во Универзитетот Јаши во Романија. Нејзиното поставување во Прилеп претставува обид за доближување на нашето средновековно културно наследство на домашната публика – велат организаторите.

Со цел да се промовираат и локалните византиски споменици, во рамките на проектот е предвидено и одржување на серија предавања во црквата Св. Никола во Варош, каде на учениците од основните и средните училишта, како и на сите заинтересирани граѓани, ќе им бидат презентирани уметничките вредности на архитектурата и живописот на оваа средновековна црква.

Loading