„СО МАРКО НА УЛИЦА“

Фестивал од 11 до 13 октомври

Од 11 до 13 октомври на повеќе локации низ градот ќе се одржи фестивалот „Со Марко на улица“, во организација на Центарот за современа ликовна уметност. Ќе има видео проекција, ликовно претставување на Марко Цепенков, промотивни производи со ликови, вечерни и дневни концерти, работилници за деца за текстил, графика и кинетика, како и други манифестации.

-Поврзувачките нишки на фестивалот се современите уметнички текови, модерните технологии и клучниот процес за нашата идејна замисла, односно реактуализацијата на лица и дела, за кои сметаме дека се впишани трајно во широко разбраното мултинационално културно, односно народно наследство, а потекнуваат, или се поврзани со градот Прилеп и регионот.

Реактуализацијата како процес обезбедува одржливост и континуитет на целокупното културно наследство, доколку се искористат соодветни медиуми и техники за модерно и интерактивно прикажување, односно платформа за субверзивна анализа и можност да се претстави повторно како актуелно, атрактивно и секако, разбирливо и достапно за новите генерации, кои ќе имаат реална и опиплива можност од блиску да се запознаат со творештвото на една фасцинантна личност, запамтувајќи ја притоа како својот нов урбан херој. Првата тематска инспирација не е случајна, а причини за да се занимаваме со урбаната верзија на Марко има многу: самоук интелектуалец; љубител на модата и пишувањето; необразован, а активен корисник на сите балкански јазици; интердисциплинарна, мултикултурна и мултинационална собирачка дејност; поврзувачка улога во градењето на заеднички национален идентитет, преку бележењето на народното наследство на сите етнички групи; автор на една од најинспиративните приказни за деца (Силјан штркот); визуелен изглед кој идеално може да се впише во денешните естетско-популарни критериуми – велат од ЦСЛУ.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Општина Прилеп.

Loading