ЧУДО: ПОБЕДА ИГРАШЕ ДОМА!

Фудбал: При пласманот во четвртфиналето од Купот

Навивачите по 10 месеци го гледаа омилениот тим

Pobeda - Gostivar

Како меѓу двете светски војни, кога ретко се играло фудбал во градов, обично за некој голем празник, така и сега настан е ако Победа е домаќин на официјален натпревар. Тоа се случи во средата, кога Победа по 10 месеци (3 декември 2017 Победа – Ренова 1-1) одигра на стадионот Могила, каде во реванш-осминафиналето од Купот го совлада второлигашот Гостивар со 4-1. Стрелци беа: Велкоски, Гешоски, Ефремов и Тимовски. Убаво беше да се видат гледачите, меѓу нив најприврзаните пензионери, како Хари Ценачот, Блаже од Еуроинвест, Трајче агрономот, Цане Џандарот… Се прашуваа: Кога ќе биде следниот меч на истото место? Можеби за наредниот куп-меч.

Победа настапи со комбиниран состав, во кој покрај првотимци имаше и неколку помлади, дебитанти. Тренерот Тони Мегленски одлучи за Тофилоски (67. Столевски), Тимовски, Велкоски, Каланоски, Гешоски (64. Јосифоски), Мандиќ, Карчески, Крстески, Шопоски, Ефремов (59. Свртиновски), М. Наумоски. Силите се штедеа за наредниот првенствен меч, гостувањето кај Македонија ЃП во Скопје, тим којшто во купот го елиминира Вардар. Значи претстои тежок меч, но шансата за бодови е тука и треба да се искористи. Претходно беше подвигот во Тетово против Шкендија (0-2) и поразот (0-1) во Штип од Вардар. По саботниот меч е пауза до 21 октомври.

Табела: Вардар 20, А. Пандев 16, Шкендија 15, Победа 11, Ренова и Работнички по 10, Беласица 9, Македонија ЃП 7, Силекс 6, Шкупи 5.

Криза во Партизан

Екипата од Обршани доживеа втор есенски пораз на свој терен (0-2 од Кит – Го Пехчево), со што остана во долниот дел од табелата на Втората лига – Исток. В недела е гостување кај разиграниот Тиквеш во Кавадарци, каде и освоен бод е изненадување. За домашниот тим настапуваат двајца прилепчани – голманот Игески и стоперот Илиески.

Табела: Борец 21, Кит-Го Пехчево 16, Тиквеш 15, Кожуф 12, Брегалница 10, Плачковица 7, Вардар и Партизан по 6, Саса 4, Детонит 3.

Loading