АСФАЛТЕН ТЕПИХ НИЗ ГРАДСКАТА АВТО – МРЕЖА

Cudo bese prviot asfalt vo Prilep

Се сеќавате на детството, на песокливите улици. Се откриваа светкави камчиња и се креваше прашина со детските игри. Земјеното тло како измислено за цртање шема, обележување простор, до каде кој може да игра со топка, “тенис со нога”, “народна”, фудбал… Тука беше и реата од браздите. За децата беа “загатка”, но уживаа да се кашкаат во калта. Нерамните улици личеа како на патека за авантуристичките возачи. Со фиќо се “лудувало” незаборавно низ прилепските маала. Потоа доаѓа калдрмата, коцкичките наредени како мозаик, гранитни плочки. А, асфалтот бил “чудо”.

Сега само се асфалтираат улици, сокаци, сообраќајници. Улицава на фотографијава е покрај Градската река, кај грчката црква. Една е од првите облечени во асфалтно руво. “Променадата” ја скрила сета “нечистотија” под себе. Браздите полека исчезнуваа, а современието ги прилагоди и детски игри кон новото време. Наместо со дрвце или камче со кое си тргаа линии, или со вода ја обележуваа улицата, сега се прави само со креди. Нема сопки од камчиња, има помалку падови и скинати коленици и лакти… Домаќинките не мора да прскаат со тулумба и метат во прашина. Може само да освежат и со мал напор да зачистат пред порта.

Loading