МАГАРЕТО – ОБЕЛЕЖЈЕ НА ПРИЛЕП

stara slika

Арабаџиски коли, чези на две или четири тркла и пајтони влечени од магариња, коњи, волови, па и самостојни маски биле главните превозни средства на граѓаните и околните села меѓу двете светски војни. Покрај велосипедите, имало и по некој камион, главно воен за прашливите друмови и локалните џадиња. Па и железница за Битола и за Скопје, населението да може да се движи подалеку.

Превозот на тутунот од нива и на стоката од по селата и назад се вршела со дрвени коли. Чорбаџиите располагале со чези со по еден или два коња да појдат до Битола по работа или пак по трговски зделки во Солун.  Женскиот дел од новопечената буржоазија патувал со пајтони кои, во зависност од усовршеноста, некои ги викале ландони, оти со такви превозни средства, како кочии во 19 век, се шетале лондонските дами.

Обележје на Прилеп секако се магарињата и малите коли кои тие можеле да ги тргаат. Не ретко се јавале или се воделе со полни кошеви со тутун. Такаречи секоја куќа одгледувала магаре, а поимотните имале маски. Богатите одржувале силна коњска запрега. Дури и по ослободувањето градските власти го собирале ѓубрето со голема кола, тргана од посебен германски силен ат. И пиварницата ги разнесувала дрвените гајби со шишиња со запрежна кола. 

Loading