ПОБЕДА ДА ПОЧНЕ ДА СЕ САМОФИНАНСИРА

Фудбал: Небојша Стојковиќ, претседател

Поорганизирани сме од порано и играчки посилни

Nebojsa Stojkovic

Од јануари беше најавен, а летово назначен за прв човек на Победа, наследник на Ирена Јакимоска. Неколку дена размислуваше дали да прифати затоа што не е едноставно да се биде на чело на клуб-заштитен знак на градов. Некогашниот стопер сепак ја прифати понудата и поддршката од сите акционери во клубот.

Што натежна?

-Тоа што во фудбалот сум цел живот. Имам обврска кон Победа, тим кој можеби ме спаси мене. Во1998 година дојдов од Србија и преку Победа стигнав до рускиот Анжи. Ја искористив шансата. Втора причина – децата. Победа мора да ја одржиме стотици млади таленти да играат.

Бевте во Русија. Има ли некое искуство да се примени овде?

-Далеку сме од нив, со инфраструктура, финансии. Има нешто што може да се пренесе. Пример, убаво е да имаме втор тим. Да се формира лига во која ќе се натпреварува. Професионализмот оттаму, би сакал да го видам и тука.

Каква е перспективата на претседателот?

-Поорганизирани сме од порано. Играчки сме посилни. За да стигнеме до Европа, потребни се уште два-тројца добри играчи-стопер, крилен напаѓач и шпиц. Плус да играме пред домашна публика. Ако ова се исполни, можам да речам дека 90 отсто сме блиску до Европа.

Ако треба шпиц, зошто Даноски го пуштивте?

-Се договоривме за условите, за времетраење на договорот, за премии, за сé. Негова одлука беше да замине во Радник Сурдулица.

Како стоите со финансии?

-Сега-засега е во ред. Обврските се исполнуваат. Голема благодарност до сите што одделуваат средства. Се надевам дека ќе одговориме со резултати. Настојуваме, не само да се даваат пари во клубот, туку и да се враќаат. Да почне клубот да се самофинансира.

Можно ли е тоа?

-Можно е, ама пак ќе го споменам домашниот терен и публиката. Со нејзина помош би имале над 20 отсто повеќе бодови. Фанансиите би се подобриле со влезници, со излез во Европа и пари од УЕФА, со продажба на фудбалери.

Има ли шанси да се зголемат финансиерите, спонзорите?

-Има. Така се зголемува буџетот и можеме до поскапи засилувања. Со добри резултати, организација, се привлекува интерес од компаниите.

Довербата од компаниите?

-Се стекнува само со чесна работа. Околу финансиите важно е што веќе нема кеш. Сето е на сметка, со договор и се знае намената. Интенција е да се остави чист образ и по заминувањето од Победа.

Вие сте првиот странец-претседател на клубот?

-Во Анжи бев првиот странец-капитен, а во Победа првиот странец-претседател. Живеам овде долго и имам македонско државјанство. Не се чувствувам како странец, ами како Македонец.

Дојде играч од Лион

Французинот Јаник Макота (26), потпиша за Победа. Тој е 13-тиот нов летово. Роден во Лион, игра како класичен шпиц. Се очекува да биде во комбинација за следниот меч со Силекс во Кратово. Претходно на 3 меча освоени се 4 бода (1-0) со Беласица, 0-0 со Шкупи, 0-2 со Работнички). Во средата беше мечот за куп во Струга ( 1 -2  ), а в сабота продолжува Првата лига.

Табела: А. Пандев 9, Вардар 7, Работнички 6, Шкендија 5, Силекс и Победа 4, Ренова 3, Шкупи 2, Македонија ЃП 1, Беласица 0.

Loading