ПОБЕДА БАРА МЕСТО ПОДАЛЕКУ ОД БАРАЖОТ

Фудбал: Почнува прволигашкото првенство

Чекор по чекор кон горниот дел од табелата

Pobeda

Трета година во серија екипата на Победа ќе биде дел од прволигашкото друштво, што секако претставува успех бидејќи се само 10 тима. Ако во првата сезона беше освоено седмото место, во лани осмото со обезбден опстанок низ бараж, претстојна цел ќе биде подобар пласман од претходните две. Значи, подалеку од трите последни места, што погоре од баражот. Тао може да се смета за успех. Можеби се посакува и излез во Европа, но кон таа цел чекор по чекор. Реално, ако се земат предвид буџетите, има други фаворити пред да почне првенството. За Победа има проблем што се вика – стадион. Без ниеден меч пред своите гледачи тешко е и ќе претставува подвиг да се стигне до некоја од првите три позиции.

Радува пак тоа што клубот поставува повисоки цели и бара  предизвици. Бројката од 11 нови играчи зборува дека летото е максимално искористено подготвено да се дочека есенскиот старт. Конкуренцијата во тимот ја засилуваат: голманот Манчевски (Локомотива), бранителите Драгарски (Пелистер), Тимовски (Силекс), за врска Мустафов (Албанија), Маркоски (Пелистер), Танушев (Силекс), Шопоски (Тиквеш), напаѓачите Нигериецот Нвабуезе (Словенија), Каланоски (Струга), Ефтимов (Брегалница Ш) и Мандиќ (Србија). Стручниот штаб предводен од Тони Мегленски имаше можност да го подготвува тимот месец ипол, низ седум пријателски средби. Како формата да се темпираше и одеше во нагорна линија. Наа последниот тест со Пелистер во Битола, беше прикажана најдобрата игра, постигната е победа од 0-2 со головите на Ефтимов.

Според распоредот, в недела е првиот меч како домаќин со Беласица, на стадионот во Битола. Понатаму на гости со Шкупи, Силекс, Шкендија и Македонија ЃП, дома со Работнички, Ренова, Академија Пандев и Вардар. Убаво е да се стартува со три бода, а тоа и се очекува. Дотолку повеќе што на пријателскиот меч летово Победа со 0-1 ја совлада Беласица во Струмица.

Илиески во Ерменија

Во последен миг од екипата замина стоперот Илиески. Негова нова дестинација е Ширак (Ерменија). Претходно со клубот се разделија: голманот Јованоски (Осогово), Најдовски (Вардар), Колевски (Пелистер), Ивановиќ и Лукас (Црна Гора), Петкоски (Плачковица). Најдобриот стрелец во минатата сезона, Даноски, есенва настапува за српскиот прволигаш Радник Сурдулица.

Промени има и во Управата, каде досегашната претседателка Ирена Јакимоска ја наследи Небојша Стојковиќ.

Наумоски најмлад

Младинскиот репрезентативец, Марио Наумоски, е најмладиот во списокот од 26 играчи на Победа. Тој по три недели ќе наполни 18 години. Шест месеци постар од него е Лука Трајкоски. Групата највозрасни ја предводи Благоја Гешоски (37), а зад него се Ванче Манчевски со неполни 36 и Александар Крстески со неполни 35, двајцата родени на ист датум – 3 септември.

Loading