ВЕГЕТАЦИЈА ГО ПРЕГРНАЛА БУЛЕВАРОТ

Pista za zaprega  bil Bulevarot pri krajot na pedesetite

Прилепскиот булевар, истегнат небаре писта, сликнат од кај агенцијата Пелагонија турист. Улицава е интересна. Не е американскиот Тајм сквер или Менхетен, но за нас сообраќаен крвоток. Времето кога е овековечен Булеварот било оскудно. Нема автомобили, само раздвижени пешаци. Гранитната коцкена подлога била за запрежни коли. Врвел по некој “цар”- Фиќо. Столбовите со ламби укажуват дека луѓето ги знаеле придобивките од осветлувањето по улиците.

Зелениот превез  од бујните дрва, тополите кои подаваат раце кон небото,  даваат шарм на Прилеп. Тротоарот има складна патека со жива ограда. Во средината тревен килим со декорација од млади фиданки кои живнале. Сето тоа го прави елегантен целиот простор и тротоарот. Тука беше корзото кое го нагазуваа младите, на кое цветаше љубовта, насмевката, радоста, штипкањата, дофрлувањата, срамежливите погледи… Кај постарите сé уште царува носталгијата по корзото. Топлина ги грее срцата кога ќе помислат на тие времиња. Сиромаштија имало, но имало чесност и човештилак, и полесно се дишело. А, и воздухот бил чист. Бујна вегетација, ретки издувни гасови, еколошка и добра мисла…

Неодминлив декор е Старата пошта, сегашна Комерцијална банка, еден од постарите објекти. Тука е и зградата кај Градска кафеана. Од зелените крошни може и да се затскријат скромните објекти. Ја нема зградата на Комунална банка, после СОК.          

Loading