Килими, мутафи, дифтици, веленциња, дипли… Што ли уште не се ткаело дома на дрвени рачни разбои во годините. Низ денешна призма изгледа бедно или се третира како уметност некој да ткае “ракотворба”. Со експанзијата на електрониката овие “машини” од минатото станаа артефакти, а “мајсторите” кои умеат да ги управуваат, речиси се исчезнати.
Маките ги учеле луѓето да смислуваат марифети да си го олеснат или поефтинат животот. Жените домаќинки, покрај секојдневните домашни обврски, дел од времето го користеле за плетење, везење, па и шиење. Поочиклените ги совладувале и тајните на ткаењето, пренесувани од бабите. Создавале ткаенини со различи орнаменти на разбојот. Трпеливо удирале и ги стегале конците провирани низ поставата. Вешто се создавале со месеци тепих или дипла, како везени, небаре персиска. И во различни колорити.
Рачните машини се абеле, се ветвеле, се лителе, но останале во визбите да сведочат за времињата кога ткаенините за под, па и за покривање се ткаеле дома од волна и други природни материјали. Во прашина и во пајажина понекаде уште стојат и роданите, и урките и вретената, и….