МЕГЛЕНСКИ СО 26 ИГРАЧИ ВО БУГАРИЈА

Фудбал: Победа вчера го напушти градов

-Во списокот има деветмина нови

Fudbal

Екипата на Победа по дваесетина дена на игралиштата во градов, замина за Банско, Бугарија. Тренерот Тони Мегленски, задоволен од претходната фаза, со одигран успешен тест против Беласица во Струмица (победа од 0-1), најави комбинација од тренинзи и пријателски натпревари во новата дестинација. Задачите во наредните 12 дена ќе ги извршуваат 26 првотимци.

Играчкиот кадар е подновен со деветмина: повратниците – голманот Ванче Манчевски (Беласица), за врска Бурхан Мустафов (Албанија), сосема новите – Христијан Драгарски, Ристе Марковски (Пелистер), Антонио Каланоски (Борец), Саше Шопоски (Тиквеш), Трајче Ефремов (Брегалница Ш), Ангелче Тимовски (Тиквеш), Владимир Жоглев (Осогово), Богдан Мандиќ (Србија). Нови има во сите линии. Беше на проба и еден Ганец, кој отпадна поради административни проблеми. Списокот не е затворен и може да се очекува уште некој нов. Клубот најавува уште четворица – двајца од странство, двајца домашни. Колкумина ќе бидат задржани зависи од нивниот квалитет. Време за проба нема и во опција се само фудбалери со докажана вредност.

Приоритет е напаѓачката линија, затоа што во последен миг играчот што се сметаше дека ќе биде ,,ударна игла,, Зоран Даноски, одлучил да замине во друг клуб (се споменува српскиот Радник Сурдулица). Тоа е непријатно изненадување за Победа, бидејќи пред неколку дена проструи информација за постигнат договор со овој играч. Победа продолжува во нормална атмосфера, оти и заминувањата се составен дел од фудбалот, така што ,,без секого се може, ако се мора,,. Претходно заминаа, Валентин Колевски, Алтин Лога, Денис Димитриоски, Жуниор Лукас, Иван Ивановиќ… Дознаваме дека заминал и голманот Ѓорѓи Јованоски, сега засилување за Осогово. Прилепскиот гол ќе го чуваат Тофилоски, Манчевски и младиот Котевски.

Во Бугарија екипата ќе се подготвува 12 дена, исполнети со тренинзи и натпревари. Таму треба да се одиграат 4-5 меча со квалитетни противници. Последниот тест е закажан за 29 јули, по враќањето во Прилеп. Тогаш, на генералната проба, ривал ќе биде Кожуф.

Трајкоски закрепнува

Меѓу патниците за Бугарија, а и во тимот, не е младиот Лука Трајкоски. Тој успешно закрепнува по операцијата на ногата. По заздравувањето се очекуваат индивидуални тренинзи. Клубот се надева дека неговото враќање може да се случи за пролетниот дел од сезоната.

Крилниот напаѓач Трајкоски е еден од најталентираните фудбалери не само во клубов, ами во државава. Настапил за репрезентациите од младите категории.

Loading