ЖЕЛБАТА Е ПОБЕДА ПОДОБРА ОД ЛАНИ

Фудбал: Втора фаза од подготовките

– Дојдоа четворица, а Тофилоски и Даноски останаа

Pobeda

Планот за нова Победа, посилна од лани беше најавен од клубот и веќе се реализира. Покрај првите три засилувања Ристе Маркоски, Антонио Каланоски и Христијан Драгарски, дојде и Саше Шопоски, стружанец од Тиквеш. Поважно е што клубот успеа да ги задржи искусните фудбалери со интернационална кариера, голманот Дарко Тофилоски и шпицот  Зоран Даноски. Тенденција е да останат сите што минатата сезона придонесоа за опстанокот во прволигашкото друштво, а за подигнување на квалитетот и конкуренцијата да се донесат уште неколку нови фудбалери.

Има разговори и преговори со потенцијални засилувања. Според најавите можно е приклучување уште на двајца играчи од државава и двајца од странство, од кои едниот е Бразилец. Клубот се очекува да ги тестира. Ако задоволуваат, ќе се приклучи во тимот. Не се остава ништо на случајности. Во предвид  доаѓа само проверен квалитет. Со екипата веќе тренира и на проба е Србинот Богдан Мандиќ, напаѓач.

Тренинзите продолжуваат во втората фаза. Предвидени се  пријателски средби. Првата беше во средата со новиот прволигаш, струмичка Беласица. Победа ,,тепа,, 1-0, а наредната најверојатно ќе биде в недела. Заминувањето за Банско, Бугарија, е на 12 јули.

ФФМ објави дека првенството стартува на 5 август.

Loading