ЗАЕМ, НАЕМ И УЕМ

ivce1Три збора кои создаваат определена ритмика. Првите два се речиси, познати или подобро речено, често ги употребуваме. Велиме речиси, зашто тие имаат и повеќе значења, но најчесто ги знаеме основните, секојдневните. Сите често даваме или земаме пари на заем. На заем може да се дава или да се зема и нешто друго, не само пари. Може да биде државен заем, кој државата треба да го враќа. Постојат случаи кога се организира некаква изложба, да речеме, на слики. Во таков случај, може да се земе на заем определена слика од некој музеј, а по завршување на изложбата повторно да се врати. Како и да е, зборот ЗАЕМ е познат и често употребуван.  

Речиси, истото се однесува и за зборот НАЕМ. Некогаш повеќе се корситеше турскиот збор – КИРИЈА. Има тој повеќе значења, особено со своите деривати. Првото значење што ни паѓа на ум за зборот НАЕМ е привремено користење на зграда или земјиште. Надоместокот што се плаќа е наемнина (рента). Лице кое користи имот од наем е НАЕМАТЕЛ. Лицето пак, кое издава имот под наем е НАЕМОДАВЕЦ. Придавката НАЕМЕН се однесува и на НАЕМ и на НАЕМНИК. Лице кое работи за надница се вика НАЕМНИК. Таквите лица се наемни работници. Така е со зборовите ЗАЕМ и НАЕМ и со нивните деривати. Во насловот го споменавме и зборот УЕМ. Тој збор е помалку познат, или поточно, кај помладава генерација – воопшто непознат. Не му го знаеме потеклото, но во постаро време беше употребуван мошне често. Животот во тие стари времиња се разликуваше во многу нешта од денешниов. Техниката на беше развиена. Средствата за производство примитвни. На таков примитивен начин се произведуваше и храната, лебот. Нивите се ораа со рало или со плуг. Се жниеше со срп, се вршеше. Житото се мелеше во воденици (мелници) кои сега не постојат или ако постојат, тоа е голема реткост. Луѓето го носеа житото во водениците, а сопственикот на воденицата, за извршената услуга, не земаше пари, туку УЕМ. Постоеја определени тарифи. На пример, ако се сомеле сто килограми жито, сопственикот за таа услуга ќе земе пет килограми. Ете, таквиот вид наплата се викаше УЕМ. Некои земаа повеќе, некои помалку, во тоа не навлегуваме, но наместо пари се земаше УЕМ. Го пишуваме ова да ја потсетиме младава генерација дека во тие времиња луѓето не располагаа со многу пари и затоа овие услуги ги плаќаа со УЕМ.

Ќе го напуштиме сега тоа старо и мачно време. Ќе се вратиме во современоста. Тогаш патиштата беа лоши, а сега градиме автопати. И тука се јавуваат тешкотии. Се гради автопатот од Кичево за Охрид. Запнале некаде работите. Автопатот требало побрзо да биде готов, но се испречиле разни проблеми, кои ја забавуваат градбата. Слушаме на една од нашиве телевизии разговор на таа тема. Присутен е и министерот за транспорт и врски. Тука презентерката зборува нешто без врска. Зборува таа, објаснува зошто доцни изградбата. Ете, причината за доцнењето била во неуспешните грешки во проектирањето. Замислете – НЕУСПЕШНИ ГРЕШКИ. А не сме чуле досега дека постојат и некои успешни грешки. Па дури и конфузноста на презентерката не можеме да речеме дека е успешна. Не сме сигурни дали и таа е свесна што сакаше да каже. Ете, се прават и ,,Неуспешни грешки,,.                                       

Loading