Изложба на дела од Моника Десоска Каргова ќе биде отворена вечерва од 20 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“. Нашата сограѓанка која живее и работи во Скопје, првпат се претставила во 1992 година со делото „Поглед кон надвор“ во Центарот. Повторната средба е преку серијата „Живееме, танцуваме, тагуваме….“.
-Делата се развиени на емотивни, индивидуални и животни предизвици последните девет години. Творештвото претставува флуидна структура со колоритна експлозија. Набљудувачот го наведува на индивидуален, интимен разговор. Делата танцуваат и разговараат, раскажувајќи уметничка приказна – вели Ана Јосифовска.
Уметничкиот дух не мирува. Се трансформира, патува, се моделира и истражува. Искуството прераснува во цртеж, колоритно изразен, со композициска структура, сугестивни форми и поетично ликовно изразување.