САЈДИСУВАЊЕ (САЈДИЛАК)

ivce1Во некој случајни разговори, во случајни средби, се среќаваме со зборови кои веќе сме ги подзаборавиле. Стара жена, подалечна роднина, од едно веќе испустено село, дојде на спиење. Зборуваше за тоа колку и е тежок животот, нејзе и на нејзиниот син, кој не е во најдобра здравствена состојба. Вели дека не само што нема пари за храна, туку и нема што да облече. А млад е. Во таквите моменти, веднаш се буди сентиментот. И дадовме неколку блузи и еден костум. Тој речиси беше нов, но големината веќе не одговараше. Стравувавме да не биде тоа погрешно разбрано, но жената изрази големо задоволство, и голема благодарност. Рече, меѓу другото, вака: ,,Ти син ми го сајдиса, а тебе Господ да ти даде што ти срце сака,,. Сево ова го пишуваме поради зборот САЈДИСА. Ретко го слушаме во последно време, или воопшто не го слушаме. Не му ја знаеме етимологијата, потеклото. Во Речникот на Зозе Мургоски одбележан е како архаизам. Објаснувањето гласи дека означува правење услуга, услужување, укажување на почит. Го користеа постарите. Своевремено се велеш за определени луѓе дека се такви што немаат САЈДИЛАК спрема никого. Обратно од тоа, се велеше дека има луѓе кои се САЈДИСЛИВИ, кои укажуваат почит и спрема луѓе кои се, условно речено, од понизок ранг. Готови се да услужат, да помогнат на кого и да е, да му укажат почит. Старата жена, роднина, беше благодарна што сме го САЈДИСАЛЕ нејзиниот син. Ќе се потрудиме да го најдеме потеклото на овој збор, но и без тоа, сметаме дека не треба да го отфрламе. Може да се користи во обична комуникација, а да се користи и во некои поспецифични литературни текстови. Во поодамнешно време, сме слушнале постар човек да му вели на соговорникот: ,,Ако сајдисувате, дојдете на гости,,. Признаеме дека убаво звучи овој збор.

Но, што не ни се допаѓа. Слушнавме (на ТВ) дека ќе се реновирала Универзалната сала во Скопје. Ова е веќе трет обид. Двата поранешни не се реализираа. Презентерката известува: ,,Трета среќа за Универзална сала,,. Што им стана на сите наши новинари што ја употребуваат оваа фраза? Се слуша многупати и за многу нешта. Еве, сега пак. Што ли си мисли презентерката (а и лекторот) дека значи овој збор? ТРЕТА СРЕЌА би била во случај кога имало прва, па втора и еве сега трета. А случајов не е таков. Зошто, без да се мисли, се презема српскиот израз, кој таму си е во ред? Србите велат за некој трет обид – ,,Треќа среќа,,, во смисла на тоа дека третата е среќа (Треќа је среќа), постои тука и определен ритам. Кај нас не е така. ТРЕТА СРЕЌА, како што рековме, значи среќа која што се случува по третпат. Би се рекло кај нас за такво нешто: ,,На трета мајка,,. И ако буквалното значење не е такво, ете во народот се создала таа фраза која означува дека е успешен третиот обид. Господа новинари (и лектори), ајде еднаш усреќете не па макар и на трета мајка.

Ракометен стручњак објаснува за проблемите во нашиот ракомет. Вели дека треба да се решат повеќе прашања па така може да се тргне напред, да се направи чекор напред. Е, ама, тој вели вака: ,,Така да, ќе може да се тргне корак,,. Овој израз – ,,Така да,, го слушаме од сите. Речиси и да не сме чуле некое излагање, а да не се рече многупати – ,,така да,,. Тоа е само неуспешен превод на српското – ..Тако да… Обично тоа не значи ништо, но ако баш треба да се употреби, тоа кај нас гласи – ,,Така што,, а не ,,Така да,,. За тоа дека ќе  ,,Тргне корак,, сметаме дека е излишен секаков коментар. Белки ракометниот стручњак некогаш ќе зачекори во нашиот јазичен простор.                                                                                           

Loading