ИЗЛОЖБА „ДАЛИ И ТИ СИ МИГРАНТ?“ ОД ДАРКО ТАЛЕСКИ

„ДАЛИ И ТИ СИ МИГРАНТ?„ е тематската изложба од нашиот сограѓанин Дарко Талески што ќе биде отворена вечерва од 20 часот во ликовната галерија од ЦК ,,Марко Цепенков,,. Изложбата содржи 5 портрети на локални прилепски уметници. Портретирањето е колаж од лични фотографии, фотографии од случувањата во дадениот период, лични текстуални изјави, текстуални факти за случувањата во тој период, цртежи.

Авторот од неговите најрани корени за бегањето од родното место на неговите предци во крајот на 19, почетокот на 20 век во Бугарија, преку портретот на ликовниот уметник Васко Костов кој ја пренесува личната приказна за неговото семејно заминување од Егејска Македонија за време на граѓанската војна во Грција, го подредува портретот на Ферди Булут кој го портретира масовното заминување на турското население од тогашна Југославија во Турција во периодот на 50-тите години на минатиот век. Финалето е со портретите на Јасмина Руневска и Лепа Милошеска кои ја доловуваат сликата на економските мигранти кон крајот на 20 век и почетокот на 21 век.

Дарко Талески завршил ФЛУ во В. Трново, Бугарија каде и магистрирал медиум и реклама во 2006 г. Од 2005 година работи како наставник по ликовно образование. Учествувал на повеќе изложби во земјава и во странство.

Loading