Во театарот
„Пиреј“ од Петре. М. Андреевски, во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, е новата претстава што се подготвува во театарот, а чија премиера се очекува на крајот на април. Првпат во драмска форма текстот е изведен во 1982 година во Битолскиот театар, во режија на Владимир Милчин.
– „Пиреј“, е објавен 1980 година, во други околности и станал популарен. М. Андреевски не сум го работел досега. За среќа, во моите зрели години се навраќам на него. М. Андреевски е голема инспирација. Затоа што навлегува длабоко во судбината на овој народ и длабоко продира во неговата душа. Имам впечаток дека неговите зборови се како да се корнат зборовите од длабочината на сопствената душа. Темата е горлива за нашето поднебје, за парчосувањето после Балканските војни и периодот на Првата светска војна, турбулентен период за нашиот народ, за сиромаштијата, за борбата со сите наезди и туѓи апетити. Асоцијативно, и денес ситуација многу наликува. Затоа предизвикот е голем. Петре е актуелен и живее во непроменети околности последните сто години. Претставата ќе биде за човекот, за расцепот на овие простори, за растргнатоста на народот, бидејќи ме интересира судбината на човекот од крв и месо – вели режисерот.
Ќе игра речиси целиот ансамбл на театарот, двајца актери пензионери, млади актери и гости актери. Претставата е финаниски поддржана од Министерството за култура.