ПРОЧКА, ТРИМИР И ДРУГО

ivce1Прочка. Карневал. Најразлични маски. Имало и маски на свемирски суштества. Уште не се знае дека на македонски именката не гласи СВЕМИР, туку ВСЕЛЕНА. Така, и маските би биле ВСЕЛЕНСКИ, а не СВЕМИРСКИ. Карневалот се одржува на Прочка. Првите три дена по прочка се држи тримир, не се јаде ништо (кој сака). Сега тримирот трае 2 дена. Некогаш, до колку нé држи сеќавањето, траеше 3 дена. Затоа се вика ТРИМИР. Така е одбележано и во Речникот (тритомниот). ТРИМИР – тридневен пост при кој не се јаде ништо, а кој се држи во почетокот на Великипости. Слушавме објаснувања од извесна новинарка, што се правело и како се одбележувале овие денови. Според неа,  се правело (се месело) кравајче (посно лепче). Замесено било со пепелница. Голема грешка. Прво, да расчистиме, што е тоа пепелница. Пак, според Речникот, тоа е пепеларник. Не знаеме на што мислел Константин Миладинов, кога во ,,Тга за југ,, напишал стих – ,,Мразој, снегој и пепелници/силни ветришта и виулици,,. Веројатно мислел на пеплишта. Кога дува силен ветер се креваат прашиништа и пеплишта. Но… Некогаш, старите баби пепелница ја викаа водата во која беше растворена пепелта и така ги миеја садовите. Но, новинарката вели дека кравајчето било замесено со пепелница. Ги испомешала работите. Тоа си е месено од брашно и вода. Обично (барем по селата) го печеа во огништето, во пепелта  каде има многу жешка пепел. Пуза се вика таа пепел. Тоа беше честа појава во тие стари времиња. Тоа беа пресни, некиснати лепчиња. Јасно е дека леб не се меси од пепел, или од пепелница, како што вели новинарката.

Си спомнуваме дека зборот пепелница се користеше во една друга ситуација. Не се сеќаваме кој беше празникот. Но, на тој ден се вареше царевка (пченка). Откако ќе се свареше, ја миеја со пепелница. Во поголемо количество вода се размешуваше пепел. Со таа течност ја миеја и ја триеја царевката, за да и паднат лушпите. Се користеше решето или дрмон за таа работа. За лепче од пепел знаеме само од приказните. Маќеата на Пепелашка и месела таков леб. Чудно е зошто во Речникот зборот ПЕПЕЛНИЦА не е одбележан и со ваквите значења. А ги има повеќе.

Време е на многу притвори. Слушаме на некоја телевизија да се рече дека на едикојси му била определена мерка домашен притвор. Сега сите, како договорени. Сите велат КУЌЕН притвор. Погрешно е тоа. Без никаква потреба, изразот е преземен од српскиот јазик. Но, Србите велат – ,,Идем куќи,,, а ние велиме – ,,Си одам дома,,. Затоа треба да се вели ДОМАШЕН притвор, а не КУЌЕН. Човекот ќе биде притворен во својот дом, не ќе смее да излегува од дома. Слушнавме дека им се уважиле жалбите на извесни лица и тие немало повеќе да бидат во притвор. Новинарката вели – ,,Биле превезени во своите домови во куќен притвор,,. Замислете, во своите домови, а во куќен притвор. А сосема јасно е. Штом се превезени во своите домови, ќе бидат во ДОМАШЕН притвор, а не во КУЌЕН. Редовна грешка. Насекаде.

Две актерки и директорот на театар гости во телевизиска емисија. Весела атмосфера. Дури би се рекло и повеќе од тоа. Се зборува за новата премиера. Интересот бил голем, и картите биле распродадени. Тие (особено директорот) не велат БИЛЕТИ, туку КАРТИ. Еве и апсурдна реченица: ,,Картите можете да ги подигнете во билетарата,,. Две грешки. БИЛЕТАРНИЦА, не БИЛЕТАРА. Ако се продаваат таму, во БИЛЕТАРНИЦАТА, јасно е дека тоа се БИЛЕТИ, а не КАРТИ.

Театарот е културна институција, нели директоре?!                                                                                                                                 

Loading