ЖЕЛБА – ЖЕЛАНИЕ

ivce1Ја напишал Константин Миладинов кратката песна со наслов ,,Желание,,. Ќе ја приведеме во целост, интересна е, а и да се потсетат оние што ја подзаборавиле:

Кога ќе доит при мене!

Кога ќе седнит до мене!

Така си велев катаден!

Ја кога дојде у мене-

Как ќе излеза пред неа!

Да не би дошла никога!

Не интересира именката ЖЕЛАНИЕ. Регистрирана е во Речникот со објаснение дека тоа е архаизам. И тоа е точно. Современата форма, во современиот македонски јазик гласи – ЖЕЛБА. Значи, ја имаме именката, а ете, врз основа на неа не се формирал глагол. А постојат такви глаголи кои се произведуваат од именка. Од именката СОН може да се формира глагол – СОНУВА, од МОЛБА – МОЛИ и многу такви. Кога би сакале од именката ЖЕЛБА да формираме глагол, тој би гласел ЖЕЛА или ЖЕЛУВА. Но, тоа не се случило и не е добро. Кога се наметнала потребата за постоење на ваков глагол, се пошло по друг пат и се нашло решение. Се зела наставката – ,,ува,,. Но, се зел и префиксот ,,по,,. Така се формирал глагол – ПОЖЕЛУВА. Многу ни е потребен, а малку го користиме. Сите тргнале по погрешниот пат. Наместо ПОЖЕЛУВА, го употребуваат – ПОСАКУВА (Ви посакувам убава вечер). А зошто не – Ви ПОЖЕЛУВАМ, како што е правилно? Сме пишувале за погрешната употреба на глаголот САКА или ПОСАКУВА. Еве уште еднаш. САКА може да значи и БАРА и ТРЕБА. Еве примери од Речникот: ,,Ја посакал момата, но не му ја дале,,. Значи, ја ПОБАРАЛ. ,,Месо не сака да јаде,,, значи не ТРЕБА. Во најголем број случаи глаголот САКА, соодветствува на српскиот ВОЛИ и на бугарскиот ИСКА. Но, дали некој Србин би рекол – ,,Волим ти све најболје,,? Сигурно, не. Би рекол – ,,Желим ти,,. Никој Бугарин не би рекол – ,,Искам ти всичко хубаво,,. Ќе рече – ,Желаја ти всичко хубаво,,. Според тоа, кај нас е голема грешка, многу голема, кога не поздравуваат презентерите – ,,Ви посакувам се најубаво,,. Сме слушале дури и такви апсурдности кога велат – ,,Сакам да им посакам голем успех,,. Замислете – ,,Сакам да им посакам,,!

Треба да му го вратиме, односно да му го дадеме вистинското место на глаголот ПОЖЕЛУВА. Еве, тој поминал по долг и по нерамен пат додека ја добил вистинската форма. Именката ЖЕЛБА го истиснала архаизмот ЖЕЛАНИЕ, но потребата укажала, нé принудила, нí го открила патот по кој може да се стигне до потребниот глагол. И се формирал тој. Го зазел вистинското место, за вистинската потреба. Се формирал глаголот ПОЖЕЛУВА. Зошто сега го бркаме? Или не го бркаме, туку не го пуштаме да влезе во нашиот вокабулар, како да е некој натрапник или некој непожелен збор. Сите, редум, на сите телевизии, па и во печатените медиуми, како по некоја инерција, запнале по погрешното. Сите велат – Ти ПОСАКУВАМ, Ви ПОСАКУВАМ и тн. Па нели постојат лектори?! Каде се? Зошто не интервенираат, ако знаат? А треба да знаат. Треба да знаат дека не само глагол (пожелува), туку постои и глаголска именка – ПОЖЕЛУВАЊЕ, постои придавка – ПОЖЕЛЕН (непожелен).

Формата ЖЕЛАНИЕ ја среќаваме и во старословенско – македонскиот речник, се разбира, со значење на современиот збор – ЖЕЛБА. Таму е одбележан и инфинитивот – ЖЕЛАТИ, со превод – САКА, има ЖЕЛБА. Значи, именката е ЖЕЛБА, а оттука и глаголот ПОЖЕЛУВА, имаат старословенски корен. А и денеска овие зборови, како и придавката ПОЖЕЛЕН и глаголската именка ПОЖЕЛУВАЊЕ имаат широка употреба. Дури имаме и придавка –  ЖЕЛЕН.

Од сево ова, произлегува дека поздравот – ,,Ви посакувам,, е погрешен. Треба – ,,Ви ПОЖЕЛУВАМ,,.

Ех колку е ПОЖЕЛНО лекторите да ѕирнат малку и во Речникот. Да го осознаат она што не го знаат! А и не само тие. Ова треба да го знаат и новинарите и презентерите и сите на кои јазикот им е ,,занает,,.                                                                                     

Loading