ГОДИНИТЕ НЕ СЕ БИТНИ, ТУКУ ЖЕЛБАТА, ВОЛЈАТА И ЉУБОВТА

Ракомет: Мери Конески – Гичева, бек на Деспина

– Како службеник работам затоа што морам, а ракометот го играм затоа што го сакам

Meri Giceva

Стартуваше пролетниот дел од Женската лига со мечот Деспина – Овче Поле, каде за домашниот триумф од 28-22 придонесе и Мери Конески – Гичева. Таа е повратник на паркетот по две ипол години, откако се раздели со тогашниот ЖРК Прилеп. Се работи за ракометарка со пребогато искуство, со репрезентативен квалитет, со настапи во домашни и странски клубови.

Паузата?

– Пред две ипол години се оддалечив од ракометот поради лошата организација на тогашниот клуб, кој имаше неисполнети обврски кон играчите. Во меѓувреме ја добив и втората ќерка, втората радост во семејството. Веќе наполни една година.

Мотивот за враќањето?

– Љубовта кон ракометот никогаш не згасна. Како врвеа деновите чувствував се поголема празнина и недостиг на адреналин. Работам како државен службеник, но тоа го правам затоа што морам, а ракометот го играм затоа што го сакам од срце.

Поддршката?

– Од семејството, од сопругот, од кого ми е најбитната. Благодарност и до клупскиот спонзор Витаминка за прифаќањето на мојата желба и волја. Деспина е еден организиран клуб, како што доликува.

Мечот со Овче Поле?

– Имавме грешки и недостатоци, но како што ќе поминува времето ќе се воигруваме подобро. Немавме пријателски натпревари и затоа е важно што сепак победивме на првенствениот старт.

Вашата улога?

–  Не сум само играч, туку на помладите го пренесувам 20-годишното искуство. Им докажувам дека годините не се битни, туку желбата, волјата и љубовта кон она што го работат. Тие се иднината на нашиот ракомет.

Женската лига?

– Еден клуб се издвојува, а останатите се тука по квалитет. Најлесно е да се работи со готови играчи, ама многу е тешко да се создаде играч.

До кога во ракометот?

– Додека се чувствувам физички способна. За годините не гледам како на старосна граница. Битен е говорот на телото, може ли да го издржи напорот или не.

Денеска во Куманово

Три меча за осум дена ќе одигра Деспина. Денеска е гостувањето кај Куманово, в среда дома со Пелистер, в петок пак дома, со шампионот Вардар. Според дуелот со Овче Поле, составот на тренерот С. Илиески е: Богеска, Димитриески, Ристеска, Гулески, Е. Рипилоска 2, А. Камческа 4, Крстевска 2, Цветкоска, Димова 4, Димитрова, Јовеска 1, Конески – Гичева 7, Камческа 7, Димоска, Седлоска, Л. Рипилоска 1.

Loading