ИНТЕЛЕКТУАЛНИ СРАМОТИЛАЦИ

ivce1Универзитетска професорка, елоквентна висока интелектуалка. Реагира мошне остро за некои појави со кои не се согласува и кои не и се допаѓаат. Ајде, да не речеме дури и кавгаџиски. Таков беше и конкретниов случај.

Во предбожикните денови се организираа поворки од деца, кои шетаат низ градовите, ја пеат песната за Господ Бог и обично завршуваат кај градоначалникот. Се вели, тоа било враќање на традицијата, на таков начин се навестувало Христовото раѓање. Не сме уверени дека постоела таква традиција. Но, тоа е друга тема. На професорката не í се допаднала манифестацијата. Реагира во препознатлив стил во весник. Насловот гласи: “Ругло на религиски фанатизам”. Госпоѓо професор, еве и ние ќе реагираме остро (не кавгаџиски). Каде го најдовте зборот РУГЛО? Знаете ли (а треба да знаете) дека тој не е наш и не ни е потребен. Го има во српскиот јазик и тој значи СРАМ. Ако сакаме да го потсилиме неговото значење може да биде и СРАМОТИЛАК, СРАМОТИЛАЦИ, па дури и во најкраен случај може да биде и ГАДОТИЈА. И госпоѓата, професор, направила големо “ругло” што го употребила тој збор. Тој може да се чуе на Бит-пазар, но да го употребува универзитетски професор, тоа е СРАМ (срамотилак). Тоа не е помало “ругло” од религиозниот фанатизам, зар не?

Одбор јунаци, познати новинари од Охрид. Известуваат за Вевчанскиот карневал. Една вели: “Фестивалот датира 1400 години”. Глаголот ДАТИРА се користи кога треба да кажеме кога почнало некое дејство, а не колку траело. Значи, се мисли на датумот на почетокот, а не на времетраењето. На пример, Фестивалот “Војдан Чернодрински” започнал во 1965-та, значи оттогаш ДАТИРА и трае веќе 52 години. Не можеме да речеме дека тој ДАТИРА 52 години. Според тоа, зборот ДАТИРА го објаснува датумот кога започнало некое дело, некој факт и слично. ДАТИРА значи и ставање датум на писмо или на некој друг документ. Новинарите ги испомешале датумите.

Уште еден интелектуалец. Доктор специјалист, онколого. Зборувајќи за хигиената објаснува дека пред вратите биле инсталирани најлонски КАЛЈАЧИ.  Немаме таков збор – КАЛЈАЧИ. Тоа се ПАНТОФЛИ (во Прилеп ги викаат ПАНТОФКИ). Во српско-македонскиот речник даден е и францускиот збор со тоа значење – ГАЛОШИ. Тој збор се користи и во рускиот јазик. Станува збор за специјални најлонски обувки, широки и длабоки, кои можат да се обуваат и преку чевли. Како и да е зборот КАЛЈАЧИ не е наш, и не треба да се употребува. ПАНТОФЛИТЕ убаво си го заменуваат.

Сега се прашуваме, кој прави “ругло” од нашиот јазик?! Интелектуалците или обичните граѓани?!

Loading