КЛУБОТ ЗГАСНУВА БЕЗ ОПШТИНСКА ПОДДРШКА

Ракомет: Александар Мариновски, претседател на РК Прилеп

– Играчите се слободни и секој може да си бара нов клуб

RK Prilep

Тешки денови за машкиот ракометен суперлигаш Прилеп. Есенва некако се истурка до 6 место со 13 бода, со последните набрзина одиграни два меча за два дена (победа со Борец 29-24, пораз во Битола од Пелистер 35-28). Но под знак прашалник е натамошното опстојување. Првиот клупски човек отворено зборува.

– Досега буџетот на РК Прилеп 70 проценти беше од Локалната. Оваа година се случија избори в, по кои требаше новата локална власт да ја продолжи поддршката.

Што се случи?

– Градоначалникот Илија Јованоски ми кажа дека Општината. нема да го поддржи клубот во 2017 година.

А за 2018?

– Предвидена била поддршка, заедно со сите останати спортови. Конкретно за нашиот клуб не знаеме дали ќе има, бидејќи ќе одлучувала некоја комисија.

Што понатаму?

– На состанок со играчите им реков дека се слободни и секој може да си бара нов клуб. Бидејќи не можеме за оваа година да ги подмириме обрските кон нив.

Другите трошоци?

– Финансирав лично од џеб за судии, службени лица, станови, храна…  

Останувате ли и понатаму во клубот?

– Остануваме, јас, спортскиот директор Ице Чолаков… Бидејќи клубов е оформен од оваа управа. Сакаме да ги одиграме натпреварите до крајот. Доколку, во меѓувреме клубот не згасне.

Можете ли сами?

– Клубот не може без поддршка на Општината. Ниту со младински тим. Има фиксни трошоци, како котизација, превоз, храна, опрема, службени лица. Секој домашен меч чини 20 илјади денари.

Ракометарки одиграа за два клуба!

Гледачите во ,,Ричко”, навивачи на домашната Деспина, се чудеа кога во тимот на европскиот вицешампион, Вардар, видоа две ракометарки кои само пред четири дена на истото место одиграа за Вардар јуниор. Тие се Леонида Гичевска и Милица Николиќ. Првата даде 12 и 3, втората 7 и 1 гол. И покрај поразите (25-30 и 24-41) од Деспина не се очекува жалба, бидејќи прописите биле такви што овозможувале ракометарка во една полусезона да има три трансфера, без оглед дека се во ист ранг.

Во саботата прилепскиот тим загуби во Скопје од Металург (30-16), а последниот есенски дуел е викендов дома со Гевгелија.

Loading