„КЛЕТНИЦИ“ НА ТЕАТАРСКАТА СЦЕНА

2 Martin Kocovski ja rezira   Kletnici

„Клетници“ од Виктор Иго е текстот кој режисерот Мартин Кочовски го поставува на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“. Премиерата на претставата, поддржана од Министерството за култура, е во програмата за годинава и се очекува во средината на ноември.

Режисерот вели дека мотивот да се направи претставата била тематиката.

– Текстот е исклучително актуелен и затоа е многу важно да се направи театарска претстава. Со ансамблот на театарот стигнавме до фаза каде треба да се занимаваме со големи, сериозни проблематики и автори. Не дека Брехт што го работевме претходно не беше сериозен, но тој е драмски, а “Клетници” од Иго е епско дело. Подобро нема. Во Македонија не знам дали е игран овој текст. Многу ретко се поставува, заради големината и тежината. Односно, комплицирано е да се направи драматизација. Драматург е мојот добар соработник Горјан Милошевски. Основното по кое ќе се водиме е колку нас како индивидуи, општеството нé притиснува, ни го променува животот, ни создава бариери да ја достигнеме среќата. Среќата, мислам, е најелементарно чувство да го сакаме живеењето – вели Кочовски, потенцирајќи дека ова е најважен проект кој го работи со екипа од 30 луѓе, од кои дел се негови соработници и дел се нови.

Групата Фолтин ќе ја свири музиката во живо, а за сцената, костимите и светлото ќе се погрижи Јулијана Војкова Најман.                

Loading