ЧАНТЕ, ПАРИ ИЧ!

ivce1Величествен настан. Така барем го нарековме. Во Скопје играа „Реал Мадрид“ и „Манчестер Јунајтед“. Новинарка, радосна, возбудена и повеќе од тоа, соопштува: “Пристигнаа навивачите и фановите на Манчестер Јунајтед”. И што требаше да разбереме од ова? Па, во што е разликата кај зборовите НАВИВАЧИ и ФАНОВИ? Во значењето нема никаква разлика, само што едниот збор е наш (навивач), а другиот е туѓ (фан), а значењата им се исти. Но,  новинарката вели дека пристигнале и НАВИВАЧИТЕ и ФАНОВИТЕ. Непромисленост, да не речеме – глупост.

Гледаме овде и еден друг проблем. Зошто воопшто го употребуваме туѓиот збор ФАН? Зар нашиот збор НАВИВАЧ не ги задоволува потребите? Тој што навива е НАВИВАЧ и зошто ни е потребно да бараме друг збор. Друго е тоа што голем број луѓе го викаат НАВИЈАЧ. што е под влијание на српскиот јазик. Туѓ збор се позајмува кога немаме наш или кога не можеме да го создадеме според нашите правила. ФАН е наполно непотребен, натрапник, во нашиот јазик. А многу често се случува да создаваме неологизми, преведувајќи буквално српски зборови или поведувајќи се според некој таков модел. Ч есто го слушаме зборот ПАРИЧНИК, се разбира, поведувајќи се според моделот на српската именка – НОВЧАНИК. Го слушаме само од новинарите. Во народот не може да заживее, а и нема никаква основа во народните говори. Го нема во речниците. И не ни треба. Зошто ни е? Зошто мораме да се поведуваме по српскиот модел и сосила да создаваме непотребен збор? Нашето уво никако не може да го прифати. Имаме многу именки создадени од именки. Именките кои покажуваат дека во нив нешто се клава, се чува, се одгледува, имаат наставка “ИК” или “ИЦА”. РИБА – РИБНИК. Наставката може да биде и проширена, РИБА – РИБАРНИЦА. ПЕПЕЛ – ПЕПЕЛНИК, но и ПЕПЕЛАРНИК. Па и ПЕПЕЛНИЦА. Од именката ПАРА (пари) би се образувала именка (ако баш мора) ПАРАЛНИК, а не ПАРИЧНИК. Наставката “ИЧНИК” при формирање на именки од именки, никаде не сме ја сретнале. Не се потребни ни ПАРАЛНИК, ни ПАРИЧНИК. Именката ЌЕСЕ е многу одамна влезена во нашиот јазик. Па и во српскиот и во бугарскиот. Ако веќе сакаме да ја исфрлиме само поради тоа што е од турско потекло, тогаш тука е зборот ЧАНТЕ. И двата збора се често, речиси редовно, употребувани од нашиве луѓе. Има многу српски зборови кои нашиве луѓе ги употребуваат без да знаат дека се српски. Зборот ПАРИЧНИК никако не може да се прифати од народот иако, божем е наш. ЌЕСЕТО и ЧАНТЕТО не смееме да ги бркаме. Има песна: “Ќесе имам, пари немам, леле сиромав”. Некогаш сме слушале и пословица кога на некого му е празно чантето: “Чанте, пари ич”. Значи ПАРИЧНИК ИЧ не ни треба. 

Loading