КАТАСТРОФАЛНА ПРИРОДА

ivce1Национална телевизија. Почнуваат вестите. Презентерката најавува некоја интересна вест и вели: „Тоа беше веста на денот. Еве, што друго ќе гледате“. Редовна појава. Речиси секојдневна. Никако да се сети презентертката дека реченицата треба да гласи: “Еве што ќе гледате друго”. Никако лекторката да и објасни (ако знае) дека по зборчето ШТО треба да дојде глаголот. Значи: “Еве што ќе гледате друго”, а не “Еве што друго ќе гледате”. Одиме во друга телевизија, многу ги има. Презентертка објаснува дека поплавите и пожарите ги натерале луѓето да го осигурат имотот. Вели дека се зголемил бројот на осигурување од КАТАСТРОФАЛНА ПРИРОДА. Можеби сакаше да каже природни катастрофи. А можеби според неа, катастрофална природа и природна катастрофа имаат исто значење.

Освен природни катастрофи кај нас постојат и јазични катастрофи. Ајде да се префрлиме во Парламентот. Знаеме дека таму има пратеници од разни говорни подрачја, а јазикот, нормално е, да има определени специфичности во разните подрачја. Како во секоја земја, постои литературен јазик што се користи на официјални места. Еве еден пример! Прилепскиот и битолскиот говор го претставуваат централното подрачје врз кое се темели литературниот јазик. Но, и во тие места има определени деформитети. На пример, немаат глаголи од “Е” група. Наместо – “Ќе биде”, таму се вели “Ќе биди”, наместо “преде”, се вели “преди” и така натаму. Во Битола, скратенета заменска форма “МУ” се употребува и за машки и за женски род. “Му реков на мајка ми” и многу такви. Така е во битолскиот жаргон.  Но, кога пратеник (како што кажува, со високо образование) ќе се истопори на говорница, не смее така. Ќе цитираме една негова реченица: “Сакам да му објаснам на јавноста”. На јавноста И се објаснува, а не МУ се објаснува. Заборавил човекот дека именката ЈАВНОСТ е од женски род. Тоа се учи во основно училиште, па ете, додека да се заврши факултетот минуваат многу години, па тоа може и да се заборави.

Значи и централните говори имаат свои недоследности. Но, Парламентот не е шеталиште ниту под Маркукуле ниту под Тумбе – кафе. Тоа е нашата највисока институција и е неопходно да се зборува на литературен јазик. Ќе споменеме дел од излагањето и на еден друг пратеник. Неговиот говор има доста критичка интонација. Ги критикува мошне гласно оние од спротивната страна. Тие се фалеле дека ќе изградат многу детски градинки, а не сториле ништо. Еве, ќе го цитираме: “Се фалевте дека сте изградиле детски градинки УЗДУЖ и ПОПРЕКО”. Турците би рекле – АШКОЛСУН.

Заслужува ли ова коментар ? Еве, и за вакви пратеници ние сме гласале или сме пуштале ливчиња во гласачките кутии. А ги има повеќе такви, низ целава наша земја, и ВДОЛЖ и ВШИР.

Loading