ЗДРУЖЕНИЕ НА „ЗАКРПЕНИТЕ!?“

Прилепски мајтапења     

– Море Цане, море брате, кај акна, неврат фати, народецов жеден за драпачки, а тебе чоек, око не може да ти види,ко вземја да пропадна?

– Лесно ти е да се драпаш на тујџа сметка. Прашај ми ја душичкава, та после чешај се.

– Шо и е на твојата душа, да не ти ја побара Св. Арангел? Ги гледаш абонативе. Подзинати чекаат да драпаме нешто, а тие да си ја ладат душата.

– Шо им натежнало толку многу, Рампе?

– Како што? Струја, комуналии, бензин… Европа без срам и перде вели името, инаку тешко вас. Што треба уште, де! 

– Мајтапот на страна, бев на кируршко, на опарација.

– Цане, токмак! Не се вели на кируршко, туку хируршко, не се вели опарација, туку операција. Шо ти закрпија хирурзите?

– Кило, а поминавме од арно порно. За една недела нé скроја седумина, ко во каубојцкио филм “Седумтемина величенствени”. Ко се отрезнивне, сите килави, нема кој да потстани, чаша вода да ти дај.

– Како се снајдувавте?

– Одржавме изборно Собрание. Само баце Коле од Демирхисарско не беше килав. Го избравме за собоначалник и олеснувач. Танас од Витолиште за политички секретар, да има некој да поднесува амандмадиња, членови бевме Богоја шоферо, Спиро од штавичко маало, агата Ирфан од Тризла, Стале мајсторо од Дуње и јас.

– Шо дискутиравте. Ќе ви прифати некоја одлуки ЕУ, ОН,парламентиве и партиве…? 

– За малото прсте, не можа да ни се ватат. Вункциониравме на највисоко можно ниво.

– Сите по нешто драпавте?

– Коле нé претставуваше пред лекарскиот конзилиум, Танас секретаро бил порен од Кофи Анан. Ги токмеше прашањата. Богоја водеше сметка кој како проодува, на кого и како ни вункционираат ауспусите. Спиро ги бележеше визитарите, кој на кого шо му донесол, а Стале, кого го вијаја колениците, беше задолжен за временцката прогноза.

– И?

– Вормираме Здружение на килавите. Наредните избори ќе прерасниме во партија, Рампе.

– Утре сабајле, ќе почекате, Цане!

– Оти бе, ибрик стамболски, шо грешка најде?

– Сте ја цапнале шарката. Совреме, барајте си друго име, ако разберат јужниве комшии за името на партијата, ќе го оспорат пред ЕУ и ОН!

– Оти?

– Дури бевте отсутни, Грција ја прогласија за финансиски најкилава држава во Европа. Лапнала без да каже 300 милијарди евра.

– Шо имаат врска миљардите со здружението?

– Таа нема да се согласи       друг да биде покилав од неа.

– Чаре?

– Викајте се Здружение на закрпени, како што Грција ја „закрпи“ ЕУ!

Loading